На Западниот фронт сѐ по старо

Оваа есен филмскиот свет беше погоден од неверојатно силната германска воена драма за Првата светска војна „Сѐ е мирно на Западниот фронт“ работена според прочуениот роман на Ерих Марија Ремарк. Филмот е именуван така според преводот на англиски на романот на Ремарк. Оригиналниот германски наслов на романот е Im Westen nichts Neues и во поранешна Југославија ја читавме оваа антивоена приказна со соодветен превод – „На Запад ништо ново“. Овој филм што може да го гледате на „Нетфликс“ е антивоен кошмар на крвопролевање и хаос. Самиот Ремарк тврдеше дека немал намера да напише пацифистички тестамент, туку јасно да ја прикаже агонијата на млад регрут во Големата војна, во која и самиот учествуваше.

Оваа моќна приказна за бесмислата на војната беше повеќе од задолжителна литература за средношколците од 1970-те кои сакаа да знаат повеќе, се прераскажуваа реплики, насловот се употребуваше во разни ситуации за настани кои беа од обичното секојдневие до спортски трауми. Потоа, со распадот на државата, како сѐ да стивна, Ремарк исчезна од радарот на новите генрации на овие простори за сега да се вратат неговите пораки со сета моќ преку филмот на Едвард Бергер.

Реализацијата на новата филмска верзија на романот на Ремарк имаше извонреден тајминг и во европскиот јавен простор, тоа беше можност да се направат јасни паралели меѓу Првата светска војна и сегашнава војна меѓу автократиите и демократиите. Борбата сега не е само во Украина, таа се води на неколку фронтови – на енергетскиот фронт, на житниот фронт, а како што заблежуваат речиси сите, и на Западниот фронт. Лобисти, енергетски компании, оние кои нудат разбирање за барањата на Русија на овој или на оној начин сакаат да се појават пукнатини на Западниот фронт на санкциите.

Сцена од филмот „Сѐ е мирно на Западниот фронт“
Сцена од филмот „Сѐ е мирно на Западниот фронт“Фотографија: Netflix/Everett Collection/picture alliance

Промашена кампања

Кај нас неодамна се отвори еден старо-нов фронт што можеме да го наречеме „паразитски фронт“. Имало разни пропагандистички потфрлања на политичките партии во овие 30 години, но овој фронт се претвори во трка со голема брзина кон дното. И тоа без обѕрнување. Секојдневните прес-конференции во штабот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој директор на јавно претпријатие или на некое акционерско друштво во државна сопственост колкава плата имал се претвори не во лов на вештерки, туку во лов на сенки кои никогаш не може да се дофатат. Таа промашена кампања стигна до врвот на бизарноста кога тие навлегоа на полето кое е полно со нагазни мини – како кога објавија дека директорот на Македонски телеком земал толкава и толкава плата, без да размислат дека телекомуникациската компанија е дел од германскиот Дојче телеком. И дека, без да размислат барем малку повеќе, си нанесоа многу повеќе штета отколку корист. А можеа само да го погледнат големиот знак на Дојче телеком на деловната зграда на скопскиот плоштад.

Реакцијата на Македонски телеком за објавувањето на цифрите на неговите директори и нагласувањето дека тие се дел од Дојче телеком во некоја рака беше убиствена за партијата, затоа што преку тоа на многу груб начин таму разбраа каде се границите. Којзнае, да не беше оваа реакција можеби од патриотската партија ќе почнеа да ги објавуваат платите на директорите во странските компании, на пример, во Бунарџик.

Во недостиг на добар одговор на оваа „паразитска кампања“ владејачката СДСМ влезе во истите ровови на овој патриотски фронт соопштувајќи колкави биле платите на вмровските функционери кога тие бил на власт и приказната се претвори во боб двоец.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски

Некогаш изгледа просто неверојатно колку може да биде примитивна политиката во Македонија. Дури и инфантилна во недостиг на обмислена и конципирана идеологија. Дека на овој Западен фронт сѐ е по старо читателите треба да се потсетат како пред 16-17 години пропагандистичката перјаница на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, одеше по улиците на Водно и покажуваше со рака кој бил стопанот на одредена куќа. Тоа требаше да биде главен пропагандистички удар пред изборите во 2006. Ѓорчев тоа го направи умешно, кај одреден број гласачи го погоди популистичкиот нерв поврзан со гневот за мачната транзиција. После тоа Влатко Ѓорчев не се појави повторно на улиците на Водно. Не затоа што кампањата беше исцрпена, туку затоа што во 11-те години владеење на Никола Груевски многумина од тој вмровски естаблишмент се преселија (ги купија) во тие куќи (некои ги урнаа и изградија нови) и сега тие транзициски олигарси уживаат со погледот одозгора. Да не зборуваме за оние плацеви купени „за џабалак“ (како што се слушаше од прислушуваните разговори) или тврдината што изникна на местото на поранешниот хотел „Панорама“, која сега се надвиснува над Скопје. Ѓорчев не би можел да прошета ни во реонот на Визбегово, кој се претвори во оаза за изградба на „хациенди“ (омилениот израз на вмровската номенклатура) на негови партиски другари, поранешни министри, директори.

Веројатно има повеќе причини зошто вмровскиот штаб ја прекина „паразитската кампања“. Едната можеби е тоа што со ваквиот примитивен наратив (да нема забуни – не е неважно да се знаат платите на директорите на јавните претпијатија) загубија повеќе отколку што добија. Втората е веројатно поважна – дали доколку партијата победи на следните избори ќе постави директори чии плати ќе бидат 25.000 или 30.000 денари. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во четвртокот донесе заклучок да се побара организирање предвремени избори најдоцна до пролетта 2023. Ако мнозинството во Собранието се приклони на нивното барање, ако има избори и ако ВМРО-ДПМНЕ победи, дали тогаш партијата ќе поставува директори, на пример во МЕПСО за 35.000 денари плата? За да биде во согласност со постулатите во оваа паразитска кампања.

Не е воопшто лесно да се најде одговорот од што е составен македонскиот мозаик последниве десетина години. Истражувањата велат дека се зголемува сиромаштијата, а преку ден во Скопје сте постојано заглавени во сообраќај од десетици и десетици илјади автмобили. Огромниот дел од нив релативно нови и во огромниот дел од нив само по еден патник, возачот. Објаснувањата за тоа зошто цените на становите не паѓаат кога, барем во Скопје, илјадници од нив се празни, се повеќе поле за економистите и истражувачите на тоа од каде, сепак, има многу пари, ако општеството осиромашува. Еден од одговорите е дека тоа можеби се нелегално стекнати пари, дали преку корупција или нешто друго, но тоа е само сегментиран одговор.

Спин диктатори

Но, да се вратиме на „паразитскиот фронт“. Дали патриотската партија сакаше да ги прогласи директорите како некаков врвен непријател и членови на каста која се отуѓила од македонското ткиво? Секако, тоа требаше да биде во корелација со неизвесната живеачка, главно предизвикана од брановите што ги предизвика прво короната, а потоа економски уште посилно руската инвазија на Украина. Тоа треба да биде врската за еден популистички бран со кој демократијата ќе биде спасена со „силни лидери“ во неизвесното време.

Интересно е што двете клучни македонски партии ја скрија идеологијата во мали долапи. СДСМ, освен што повторува дека целта – да се отворат поглавјата за преговорите со ЕУ и нагласувањето дека тие се социјалдемократи кои ја зголемиле минималната плата, им помагаат на најранливите да се справат со тешките проблеми во кризата, дека се на исправната страна на историјата во овие години, од идеолошка гледна точка се осиромашени. Исчезнаа важните либерални идеи што ги имаше пред дваесетина години. Не е јасно кој може да внесе свежа крв во оваа инсуфициенција.

Кај ВМРО-ДПМНЕ проблемот е уште поголем. Освен што генерално повторуваат една иста економска фраза – дека не само што ќе го задржат рамниот данок, туку и дека ќе го намалат на 8 отсто, дека ќе се грижат за честа на државата и на граѓаните, дека тие се вистинските претставници на народот, нема никаква друга кохерентна идеолошка политика. Сѐ е сведено на кампањи како оваа „паразитската“.

За жал на партијата, и за голем дел на нејзиното гласачко тело, ВМРО-ДПМНЕ е далеку од функционирањето од времето на Никола Груевски. Тогаш во партијата имаше систем, иако беше тирански, но се провлекуваа некакви идеолошки конци. Македонската јавност не жали за Груевски, најдобро ќе биде да се врати дома и да ги одлежи затворските години за злоделата што ги направи и пристапот кон политиката да му биде оневозможен. Но тој го претставуваше она што познатиот руски економист и професор на познатиот институт во Париз Sciences Po, Сергеј Гуриев, го објаснува во својата книга за автократите наречена „Спин диктатори“. Гуриев дава слика како функционираат денес недемократските режими: Денешните автократи носат стилизирани бизнис костуми и претендираат да бидат демократи за тоа да биде доволно да им се овозможи пристап на состаноците на високо ниво во Давос или Г20. Груевски не можеше да стигне до тоа ниво, затоа што Македонија е маргинална земја, но сепак стигнуваше до некое ниво во меѓусебните контакти. Се разбира, во добро скроени модерни костуми.

Христијан Мицкоски по пет години на чело на опозицијата е подалеку од тие кругови отколку што изгледаше дека е на почетокот. Единствената стабилна врска е онаа со Виктор Орбан, а откако Јанез Јанша ги загуби изборите, дружењето со него ја загуби привлечноста.

Во таа идеолошка конфузија може да изгледа дека некаква „паразитска кампања“ ќе биде од корист. Уште повеќе кога дел од неа ќе прифати и власта. Така е со заблудите, никогаш не можеш јасно да ги видиш. Тоа е како да бркаш сенка.

Љупчо Поповски

извор: ДВ

Back to top button
Close