На Зеленски му виси животот на конец
Денко Малески
Некни, со изјавата на Меведев дека „би било добро“ да се избегне Трета светска војна, Русија, всушност, одново се закани со нуклеарен холокауст.
Од првиот момент на руската инвазија врз Украина во февруари 2022, запрепастува ладнокрвноста со која, руските политичари се закануваат со атомски бомби. Кревајќи глас на протест за руската агресија, проследена со нуклеарна уцена, првиот текст кој го напишав по тој повод го насловив „Лудакот од Москва“, зборови кои деновиве ги употреби и Доналд Трамп.
Имено, дотогаш нуклеарните сили губеле војни, Америка во Виетнам а Русија во Авганистан, но, на нивните политичари не им паѓало на памет да употребат нуклеарно оружје со кое сигурно би „победиле“.
Сепак, „невозможното“ се случи и сите научивме лекција: соочена со она што во теоријата на меѓународните односи се нарекува „егзистенционална закана“ од другата голема сила, Русија изјави дека ќе употреби нуклеарно оружје за да се одбрани. Дали Путин блефираше? Претходниот американски претседател Бајден беше убеден дека е тоа блеф, сегашниот Трамп не сака да дознае. Никогаш да не дознаеме е подобро за сите инволвирани и за цел свет.
Заложбата за мир е единствениот аспект на политиките на актуелниот американски претседател за кој имам целосно разбирање. Но, како до мир?
Кога веќе еднаш ќе се дозволи да почнат воените непријателства, патот до мирот е многу тежок. Тоа е моето икуство од југословенските војни и обидот тие да се запрат со разни проекти за мир, сите неуспешни. Во Југославија тогаш како и во Украина денес одлучувачка ќе биде состојбата на теренот: која сила ја има контролата на териториите. Затоа и одбивањето на Путин да прифати прекин на огнот во моменти кога неговите војски напредуваат.
Се чини дека исходот на војната во Украина побргу ќе биде решен на теренот со пораз на послабата страна, отколку со некаков магичен мировен план. Трагедијата на Украина е што имаше политичко водство кое не разбра дека Америка нема таков интерес во Украина кој би наложил таа директно да завојува со Русија. Дури ни членките на НАТО не треба да си умислуваат дека, според член 5 од Повелбата, во нуклеарната ера, Америка автоматски би јурнала во војна со Русија ако бидат нападнати. Затоа, и малите држави мораат да мислат со своја глава. Да мислат политички а не правно. Правно, никој не може да го оспори правото на секој народ да го избира сојузот на кој сака да му припаѓа. Политички, значи во реалниот живот на меѓународното општество на држави, моќната сила која се чувствува загрозена може да го оспори тоа твое право и да ја уништи слабата држава.
Прво поттикнуван од Бајден да влезе во војна со Русија, а сега обвинуван од Трамп дека погрешно влегол во војна со посилен од себе, судбината на Зеленски и на Украина се потврда на тезата на некогашниот претседател на Танзанија дека тревата страда не само кога се бијат туку и кога слоновите водат љубов.Трамп, кој денес му нуди „љубов“ на Путин, очигледно е спремен да ги прифати базичните руски услови за запирање на војната: неутралност, меѓународно признавање на четрите окупирани провинции, плус Крим. за дел од Русија и разоружување на Украина.
Кој е тој украински политичар кој би го потпишал ова? Газени од двата слона, Зеленски и оние околу него сега не се соочени само со пропаста на својата држава туку и со својот физички опстанок. Го прашувам министерот за надворешни работи на Србија Јовановиќ, зошто Милошевиќ одбива да го потпише завршниот документ на Конференцијата за Југославија кој става крај на војните преку признавање на административните граници на републиките за меѓудржавни, а тој ми вели : „Убиче га кад се врати кучи“.
Опкружен со националисти, па и нацисти, како што научивме во меѓувреме, луѓе кои прво што сторија кога дојдоа на власт беше да им ги укинат јазичните права на Русите во Донбас и со тоа да испровоцираат воени судири, на Зеленски и компанијата буквално им висат животите на конец.