Нацевска : Се отвара пазарот на платежни услуги, ќе се зголеми конкурентноста и ќе се намалат надоместоците

– Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се очекува да се јават нови даватели на платежни услуги со што ќе се зголеми конкурентноста на пазарот што пак ќе придонесе кон збогатување на услугите, дигитализација и намалување на надоместоците што им се наплатуваат на граѓаните.

Покрај банките, сега платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците и специјализирани институции за платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка, а притоа да исполнат низа строги критериуми.

– Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите. Притоа, ако се има предвид искуството од земјите каде што ваквите институции се присутни, се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување, вели вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во интервју за МИА кое подолу е објавено во целост.

Таа нагласува дека парите на граѓаните и на компаниите кај овие даватели на услуги нема да се третираат како депозити, но ќе бидат заштитени така што ќе стојат на посебна сметка и во случај на стечај или ливидација нема да влезат во стечајната маса.

– Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење, истакнува Нацевска.

Back to top button
Close