Началникот на британската армија: “Заборавете на Студената војна, на работ на „третата нуклеарна ера
Началникот на британската армија, адмирал сер Тони Радакин, предупреди дека светот е на работ на „третата нуклеарна ера“. Неговата изјава доаѓа во време кога НАТО со голема загриженост ги следи руските закани со нуклеарно оружје, како и нуклеарните програми на Северна Кореја и Иран.
Говорејќи на собирот на Кралскиот институт за одбранбени студии (РУСИ), Радакин истакна дека глобалната рамнотежа на силите драматично се менува. „Почетокот на третата нуклеарна ера е пред нас“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата сега е посложена од кога било досега.
Нуклеарни закани
Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси три години, односите меѓу Москва и НАТО се на најниско ниво од крајот на Студената војна. За време на војната, обележана со брутални судири во источна Украина, Кремљ често прибегнуваше кон нуклеарни закани. Рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили во состојба на готовност пред инвазијата во 2022 година, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров неколку месеци подоцна предупреди дека ризикот од нуклеарен конфликт е „значаен“. Путин годинава изјави дека Русија е воено подготвена за нуклеарна војна.
Видовме бројни закани со тактичко нуклеарно оружје, големи воени вежби и симулирани напади врз земјите на НАТО, сите насочени кон заплашување и одвраќање на активностите потребни за зачувување на стабилноста“, рече Радакин.
Кон крајот на октомври, Русија спроведе големи воени вежби кои вклучуваа симулација на нуклеарен контранапад. Радакин потсети дека „првата нуклеарна ера“ беше обележана со трката во вооружување за време на Студената војна, кога САД и Советскиот Сојуз акумулираа огромни залихи на нуклеарно оружје. По Студената војна, „втората нуклеарна ера“ се фокусираше на разоружувањето.
Меѓутоа, сега, тврди Радакин, се соочуваме со „трета нуклеарна ера“, која е многу посложена. „Овој пат е обележан со ширење на нуклеарни технологии, бројни истовремени закани и речиси целосно отсуство на безбедносни механизми што постоеја во минатото“, истакна адмиралот.
Русија и САД поседуваат 90 отсто од светското нуклеарно оружје
НАТО, кој ги вклучува нуклеарните сили Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Франција, и земјите кои имаат американско нуклеарно оружје, продолжува да ги зајакнува своите одбранбени способности. Русија, со најголемиот нуклеарен арсенал во светот, заедно со САД поседува околу 90 отсто од светското нуклеарно оружје. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека Алијансата сериозно ги сфаќа нуклеарните закани на Москва, но не сака да „падне на штракањето на руското оружје“.
„Нашата стратегија за одвраќање е силна и подготвени сме да се браниме од секаква закана“, рече Руте на конференцијата во Брисел. Покрај Русија, НАТО ги следи и растечките нуклеарни капацитети на Кина, додека се верува дека Русија и дава техничка поддршка на Северна Кореја во развојот на нејзините нуклеарни и балистички ракети.
И покрај честите закани од руска страна, Радакин оцени дека е мала можноста за директен руски напад врз Велика Британија или други членки на НАТО.
„Москва знае дека одговорот на НАТО, било да е конвенционален или нуклеарен, би бил огромен“, заклучил адмиралот. Одвраќањето функционира, но мора да остане силно и прилагодено на растечките закани од Русија и пошироко“, нагласи Радакин. Во моментов, вели тој, способноста на НАТО да одвраќа и брани останува клучен столб на безбедноста во сè понестабилното глобално опкружување.