Национализмот и личната автономија

Прашањето во колкава мера со декретот на американскиот претседател Џо Бајден се упатува остра порака и предупредување до националистите во земјите во Западен Балкан е дискутабилно. Но факт е дека изборната победна на Бајден поттикнаа разочарувања и лош знак меѓу популистичките националисти во Европа. Меѓу нив се истакна и словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој наскоро ќе ја преземе претседавачката палка во ЕУ, подржувајќи го отворено Доналд Трамп во оспорувањето на предвидената победа на Бајден.

Извршната наредба на претседателот на САД во секој случај од многумина е протолкувана како израз на потребата да се одговори на предизвиците повразни со натмошната интеграција и стабилизација на регионот на Западен Балкан.

А едно од клучните прашања што го форсираат сите оние што придонесуваат кон поткопување на стабилноста, е и постојаното оспорување и негирање на државните и националните идентитети. Веќе е констатирано дека тоа создава серизони главоболки кога станува збор за обновување и зајакнување на трансатлантските врски, посебно во однос на натамошниот, блокиран процес на проширувањето на ЕУ.

Пошироката слика за проширувањето на Унијата не може да се сведе само на територијален аспект, бидејќи ЕУ, гледано низ стремежот кон евроинтеграциите, во добар дел го опишува Балканот, но едновремено го дефинира и европскиот имагинарен идентитет. На таков начин се создава и ментално повлекување граници, бидејќи тоа подразбира последици за балканските земји, за кои се смета дека никогаш не ќе можат да го достигнат степенот на развој каков што го бара западноевропската норма. Затоа се и принудени, вклучувајќи ја тука, се разбира, и Македонија, постајно да спроведуваат реформи и да ги прифаќаат барањата што доѓаат однадвор. Без оглед на упорноста на популистичките националисти да изнаоѓаат причини за отфрлање на така поставените „неправедни“ услови.

„Најдобро ќе биде да се навикнете“, рече Емануел Макрон во својот говор на универзитетот во Сорбона, откако беше избран за француски претседател, „дека немам намера да престанам да зборувам за Европа!“ Овде во Европа, нагласи во таа пригода Макрон, се одвиваат „нашите битки, нашата историја, нашиот идентитет“.

На таа негова изјава, дека „во Европа лежи нашиот идентитет“ се повика премиерот Заев во Париз, по разговорите во кои Макрон сега порача дека Македонија заслужува да ги започне преговорите со ЕУ без одложување.

За францускиот претседател и неговите политички заложби може многу да се зборува, и да се имаат различни и спротивставени мислења, посебно за неговите гледишта во однос на европскиот интеграциски пројект, а поради што Македонија беше принудена да се соочи и со француско вето. Но се чини дека Макрон е сепак во право кога тврди дека „треба постојано да зборуваме за Европа“.

Национализмот често води во беспаќе. Посебно во општества каде што тешко се наоѓа мерка и се воспоставува соодветна рамнотежа меѓу егалитарните и индивидуалистичките интереси, меѓу колективните пројекти и личната автономија. На многу места во Источна Европа долготрајната транзиција сè уште не ги дава очекуваните резултатите од еманципацијата на граѓанското општество. Во развиените западноевропски земји изградбата на социјален систем на благосостојба значјано го олеснува ослободувањето од зависна положба, на пример во однос на семејството и роднините, но напоредно на тоа не се оспорува чувството на припадност кон „општеството“.

Национализмот апсорбира енергија од историските искуства. Но општетсвото е постојано во промена, така што единствената национална супстанца, „суштина“ на која се повикуваат националистите, тешко може да се фиксира вон просторната и временска рамка. Бугарите, слично на Грците, настојуваат во темелите на европските интеграции да вградат сфаќања и претстави за сопствената историски идеална нација, односно за „оригиналот“ што не може да се фалсификува од страна соседите. Таквата Бугарија, за која се пропагира во Софија, е фикција, пренесена во фантазијата на минатото и во сонот на иднината.

Токму од таква гледна точка може поблиску да се разбере силното, но селективно интересирање за историјата и кај другите балкански народи. Како што некој мудро забележал, во претставите и сфаќањата на нациоанлистите историјата е пролог за партиска програма, илиби требало  во секој случај да биде тоа.

Затоа не е премногу за чудење дека националисти ширум Европа, не само на Балканот, се обидуваат на различни начини да ја „корегираат“ и одново напишат историјата, да воспостават контрола врз неа, да ја направат многу повеќе „своја“, отколку што таа навистина може да биде таква. Ниедна нација во Европа не е изградена врз „вистински“ идентитет, култура или историја, без митолошки или политички претстави и сфаќања.

На најширок план, по кризите што во последните години ја погодија ЕУ, политичкиот развој го обележаа националистички и популистички реакции. Посебно преку зајакнување на националистичкиот поглед кон идентитетот, што често резултира со тоа што многумина стануваат помалку толерантни кон културната разновидност. Националистичката идентитеска политика претставува сериозна кочница пред идниот развој на ЕУ, бидејќи е во спротивност со индивидуалните права, демократијата и наддржавните решенија, што функционираат преку националните граници.

Затоа, не случајно се крена толкава прашина околу декретот на Бајден.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close