Националната безбедност не ни зависи ниту од Русија, ниту од Украина, таа ни зависи од победата во вирусната војна

Одамна немав пишувано долг текст, сметав нема потреба, но некако се измести фокусот ..

Во оваа борба на САРС-КоВ-2 наспроти нашата човечка мудрост, вирусот кој предизвикува Ковид-19 немилосрдно ја тестира човечката одбрана со нови и нови генетски потенцијали. Нови варијанти на овој коронавирус со зголемена преносливост се појавуваат секои неколку месеци, сценарио кое веројатно ќе продолжи и понатаму.

Некои експерти веруваат дека пандемијата е на еволутивен пад кон ендемична, новото “нормално” во кое луѓето и вирусот коегзистираат, како што во моментов живееме со Грипот.

Но, треба да знаеме дека коронавирусите се “паметни” вируси. Иако можеби е на повидок ендемска резолуција, САРС-КоВ-2 се уште може да го шокира човечкиот вид со разурнувачки еволутивен скок.

Подолу се опишани можни идни сценарија. Ниту едно од нив не е фантазија, да се разбереме веднаш. Ова е наука која ги следи корона вирусите, како и нивната еволуција со години. Добро е да се прочита овој текст како не би биле “одново” затекнати од нивната еволуција во иднината.

Луѓето во моментов коегзистираат со четири познати ендемични коронавируси. Нивните научни ознаки се: 229E, OC43, NL63 и HKU1. Речиси секој човек на земјата се заразува со сите четири вируси уште во детството. Потоа овие инфекции имаат тенденција да бидат благи, предизвикувајќи само минливи инфекции на горните дишни патишта.

Бидејќи имунитетот кон овие коронавируси опаѓа со текот на времето, инфекциите може одново да се повторуваат низ животот.

Генетските анализи сугерираат дека тие веројатно потекнуваат од различни животински видови пред да преминат кај луѓето пред стотици години. Веројатното потекло на предците на OC43 е говедски коронавирус; најблискиот сосед за 229E е лама коронавирус; а другите веројатно настанале како меѓувидови по скокови од огромниот глобален резервоар на коронавируси во лилјаци.

Бидејќи овие коронавируси кои скокаат од животните се приспособувале на луѓето, секогаш имало селективен притисок за поефикасно пренесување. Кога вирусот се прилагодува на нов домаќин, тој не добива никакви предности за понатамошно преживување со тоа што го ослабува и разболува, или убива неговиот домаќин. Токму напротив: вирусот кој се пренесува преку респираторниот систем полесно се пренесува од социјално активен домаќин во заедницата.

Како што четирите коронавируси (настинките) еволуираа во ендемичноста, САРС-КоВ-2 може да го следи нивниот пат и да стане петтиот ендемичен коронавирус.

Сценарио со изменети симптоми и нова болест Ковид-19.

Во ова сценарио, САРС-КоВ-2 еволуира за да инфицира нови типови на клетки во човечкото тело, менувајќи се од претежно инфицирање и влијание врз респираторниот систем, до инфицирање и влијание врз други системи и органи. Ова сценарио може да доведе до подобар или полош исход, во зависност од штетата која ќе ја предизвика кај човекот. Ние ова го гледаме и во овој момент на пандемијата.

Повеќето животински коронавируси, вклучително и САРС-КоВ-2, ги инфицираат клетките кои го обложуваат гастроинтестиналниот тракт, како и оние во респираторниот тракт.

Мутациите можат да ја префрлат способноста на вирусите да растат во клетките на еден органски систем во клетките на друг. Кај свињите, голема промена се има случено во 1984 година кога вирусот кој до тогаш предизвикувал гастроентеритис мутира и постанал свински респираторен вирус.

Кај кокошките, видовите на вирусот кој предизвикува заразен бронхитис кај човекот, се појавија некои мутантни соеви кои ги оштетуваат и бубрезите.

Кај луѓето, САРС-КоВ-2 освен во респираторните делови е пронајден и во цревата, бубрезите и централниот нервен систем.

Нова варијанта САРС-КоВ-2 која е пренасочена кон нови органи (тропизам на органи) може да произведе нови знаци и симптоми на болеста Ковид-19. Мора да се следи секоја промена.

Сценарио со појава на нов рекомбинантен коронавирус.

Вирусите како грип, ХИВ и коронавирус рутински го заменуваат својот генетски материјал помеѓу соевите.

Доколку генетскиот материјал на човечкиот вирус се комбинира со генетскиот материјал на постоечки животински коронавирус – како што е вирусот ендемичен кај птиците, свињите, глодарите, па дури и кучињата и мачките – може да се создаде хибриден вирус кој има сила да предизвика нова пандемија, исто како што е познато дека повремената хибридизација на вирусите на човечки и птичји грипови предизвикуваат нови пандемии на грип по светот.

Кога животинската клетка е ко-инфицирана со два различни коронавируси, може да дојде до рекомбинација помеѓу две родителски нишки, што ќе доведе до нов хибриден геном кој можеби е подобар во репликацијата од неговите родители, односно повеќе и полесно пренослив низ луѓето.

Веќе постојат докази дека соевите на САРС-КоВ-2 се рекомбинираат со други соеви САРС-КоВ-2. Коронавирусите на птици и свинските коронавируси се широко распространет проблеми во сточарството и живинарството. Работници заразени со САРС-КоВ-2 кои имаат близок контакт со животни заразени со коронавирус лесно може да послужат како домаќини за генерирање на рекомбинантни вируси.

Но, без оглед на тоа каде и како би можеле да се појават нови рекомбинантни потомци на САРС-КоВ-2, треба да сме свесни дека новиот вирус би можел да го избегне имунитетот кој го имаме кон САРС-КоВ-2 и повторно би можел да има различни манифестации на болеста од она што е забележано до сега за болеста Ковид-19.

Сценарио со САРС-КоВ-2 Експлоатација на антитела.

Во ова сериозно опасно сценарио, САРС-КоВ-2 еволуира не само за да го избегне имунолошкиот одговор на домаќинот, туку и активно да го искористи во своја полза. Досегашните последователни главни варијанти на САРС-КоВ-2 од Алфа преку Омикрон, покажуваат дека немилосрдната еволуција на вирусот му помага да го избегне имунолошкиот систем. Но, некои коронавируси, како што е вирусот кој дава инфективен перитонитис кај мачките, ја носат евазијата на следното ниво: Експлоатација!

Кога едно лице – или во овој случај мачка – ќе наиде на вирус или ќе прими вакцина, клетките на одбраната започнуваат да создаваат антитела. Овие протеини се врзуваат за вирусот и оневозможуваат тој да прогресира.

Парадоксално, антителата против вирусот кој предизвикува инфективен перитонитис кај мачките, кога се внесуваат во неимуните мачки, ги прават животните поподложни на заразен перитонитис и тешка форма на болеста, отколку мачките кои не биле инфузирани со антитела.

Слична перверзна експлоатација на имунолошкиот систем се случува кога луѓето се заразени со Денга вирусот, кој да напоменам НЕ е коронавирус. Првата инфекција со вирусот од типот на Денга вообичаено предизвикува ограничена, еднонеделна болест со висока температура и болки во мускулите и зглобовите. Имунолошкиот одговор на антителата при таа прва инфекција го прави лицето имуно на идна изложеност со истиот тип на Денга вирус. Но, ако поединецот подоцна е изложен на нова варијанта Денга вирусот, првичната инфекција го зголемува ризикот од тешка болест наместо да обезбеди заштита од истата. Да, добро прочитавте.

Полошо поминуваат ако луѓето биле претходно заразени. Како?

Во човечкото тело, некои клетки имаат рецептори за вирусите на Денга на нивната површина, додека други клетки имаат рецептори за антитела. Антителата кои се врзуваат за вирусите вообичаено го спречуваат вирусот да се прикачи на клетките со рецептори за Денга. Но, овие вируси обложени со антитела наместо тоа, успеваат да се врзат за клетките, да влезат и да растат во клетките со рецептори за антитела по нивните површини. Овој процес во науката се нарекува подобрување на растот на вирусот зависен од антитела.

Други коронавируси кои ги инфицираат луѓето, како што се SARS-CoV-1 и MERS-CoV, се докажа во лабораториски студии дека можат да ги користат врзаните антитела како начин да се прикачат подобро за клетките и да почнат да се реплицираат во нив. Вирусите на САРС-КоВ-2, исто така, можат да користат подобрување зависно од антителата за да се врзат за клетките со рецептори за антитела, до сега се покажа во студии дека вирусот влегува во клетките и почнува да се реплицира. Во досегашните експерименти, целосниот циклус на репликација на вирусот не е завршен во тест клетките, кое не значи дека утре нема да се случи.

Доколку САРС-КоВ-2 еволуира за да користи подобрување зависно од антителата за да го зголеми растот и преносот на вирусот, новата варијанта би можела експлозивно да го врати нејзиното ширење и низ “имуните” популации. Затоа мора постојано да се следи еволуцијата на вирус.

Кое сценарио од сите ќе следи?

Не сум сигурен за тоа како ќе се одвива сценариото за крајот на пандемијата. Иако мислам дека најверојатното сценарио во моментов е САРС-КоВ-2 да остане ендемичен, не смее да се заборави дека и другите позагрижувачки сценарија што се опишани погоре се сите во доменот на можноста: мутант кој произведува различна болест, нов рекомбинантен вирус, варијанта која го искористува имунитетот за подобри вирусни перформанси. Секако овие сценарија не се исклучуваат меѓусебно. Нов рекомбинантен вирус кој содржи гени на коронавирус од животинско потекло може да предизвика изменета пројава на болест.

Вреди да се размислува и за некои други сценарија кои не се опишани, како што е тековното прелевање напред-назад од луѓе на животни и назад кај луѓето, или зголемената преносливост кај хронично заразените луѓе со долг Ковид и сл. Не е на одмет да се подготвиме за (не)пријателот со кој ќе живееме во иднината на човештвото.

Сите овие сценарија се варијации на познатата еволуција на коронавируси од реалниот свет. Нова вирусна варијанта може да се појави каде било по светот и да ја покрие земјината топка за само неколку недели, како што направи САРС-КоВ-2. Дури може некаде на планетава варијанти на САРС-КоВ-2 веќе и да се развиле во една од насоките кои се опишани погоре, а истите да не се откриени.

Светот не смее да си дозволи повторно да биде поразен. Препораката е државите да развијат проценки на ризик и планови за непредвидени ситуации во широк опсег на можни идни сценарија на пандемијата.

Вирусната еволуција си бара тековно вирусно пренесување и репликација. Колку повеќе нови вирусни честички се генерираат, толку е поголема шансата да се појават нови вирусни мутанти и рекомбинанти.

Спречувањето на болести и смрт, се разбира, е главната цел. Но, спротивставувањето на еволуцијата за нови варијанти на вируси е уште една важна мисија во оваа војна. Да успееме во ова, потребна е контрола на репликацијата на САРС-КоВ-2 преку гаснење на преносот на вирусот од човек на човек. Ова можеме да го контролираме, па дури и во голем дел преносот помеѓу луѓето и животните. Ова мора да се случи ако сме сериозни во борбата со вирусите и пандемиите.

Националната безбедност не ни зависи ниту од Русија, ниту од Украина, таа ни зависи од победата во оваа вирусна војна.

Илчо Ефкоски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close