Националниот џез оркестар со нигерискиот уметник Шеон Кути вечерва на „Охридско лето“
Особено музичко доживување нуди програмата на „Охридско лето“ за вечерва, со концертот на Националниот џез оркестар и солистото на саксофон, вокалот Шеон Кути од Нигерија, под диригентска управа на маестро Џијан Емин.
Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија.
Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.
Шеон Кути е нигериски музичар, пејач и текстописец, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика. Најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80).
Неговата дискографија со бендот вклучува 5 албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.
Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата ќе бидат изведени авторски композиции од богатото творештво на Шеон Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
За вечерашниот концерт е резервирана летната сцена „Долни Сарај“ од 21 часот