Над 1.000 посетители на отворањето на изложбата на Музејот на современа уметност – Скопје во Виена

Во Виена преку 1.000 посетители беа на големото отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection), со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, што ќе биде отворена сѐ до 28 јануари 2024 година, информираа од Музејот на современа уметност – Скопје.

– Галерискиот простор на Кунстхале, буквално беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.  На 1.000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот. Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика, се наведува во соопштението.

На официјалното отворање на изложбата имало обраќање на двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина.

– Во Виена пристигна и министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето, амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија. Современите уметници вклучени во изложбениот проект, Брук Ендру од Мелбурн, Синиша Илиќ од Белград, Иман Иса од Берлин и Ѓулсун Карамустафа од Истанбул и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска од Скопје, синоќа беа во центарот на вниманието, пишува во соопштението.

Како што се додава, „тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан од Виена, направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ од Виена, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје“.

– Пред отворањето се одржа и конференција за печат пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, каде говореа Гаќина и Саболовиќ. Изложбата што ќе биде отворена до следната година, според искуствените статистики што ги има Кунстхале Виена, се предвидува да ја погледнат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет, се нагласува во соопштението.

Back to top button
Close