Над 100 лица се уапсени по погребот на Навални

Илјадници Руси го скандираа името на Алексеј Навални додека лидерот на опозицијата беше погребан вчера во Москва и им порачаа на властите дека нема да им простат за неговата смрт.

Јулија Навална, вдовицата на лидерот на опозицијата, му оддаде почит на својот сопруг преку X, заблагодарувајќи му се за „26 години апсолутна среќа“. “Не знам како да живеам без тебе, но ќе дадам сѐ од себе за да те направам среќен и горд на мене таму горе. Не знам дали ќе успеам, но ќе се обидам”, напишала Навална, која е надвор од Русија.

 

Насобраните држеа цвеќе во рацете, а некои скандираа: „Русија ќе биде слободна“, „Не за војната“, „Русија без Путин“, „Нема да простиме“ и „Путин е убиец!“ Не долго откако ковчегот со телото на Навални беше ставен во земја, во Москва започнаа првите апсења. На удар на полицијата се најдоа луѓето кои скандираа против Путин и војната во Украина.

Најмалку 115 лица се приведени ширум Русија поради оддавање почит на Навални, објави ОВД-Инфо. Најголемиот број, 16 од нив, се приведени во градот Новосибирск.

Најмалку 10 лица се приведени во Москва, според ОВД-Инфо. Уште 10 лица се уапсени во Екатеринбург, додека 14 се приведени во регионот Воронеж.

Луѓе биле приведени и во Челјабинск, Омск, Владикавказ, Сочи, Санкт Петербург, Нижни Новгород, Казан и Улан-Уде.

Back to top button
Close