Над 100 ученички од сиромашни семејства во Битола немаат пари за влошки – активистите бараат помош од општината
Според истражувањето на Организацијата на жени од Битола, во градот има 1.856 средношколки, од кои 158 потекнуваат од семејства со социјален ризик, односно околу 8,5 отсто од вкупниот број ученички.

Повеќе од сто ученички од Битола, од семејства со социјален ризик, не можеле да набават менструални влошки, покажа проектот „За менструална правда“, што го спроведе Организацијата на жени од Битола во партнерство со „Саншајн кидс“ од Кичево, објави порталот „Сакам да кажам“ (СДК).
Во истражувањето спроведено од Организацијата на жени од Битола било утврдено дека во овој град има вкупно 1.856 ученички во средните училишта, од кои 158 се од семејства со социјален ризик – што претставува 8,5 отсто од сите средношколки. Со анкетните прашалници биле опфатени 300 ученички, а 105 од нив изјавиле дека не се во можност да набават менструални влошки
Во септември годинава биле поставени три диспанзери со менструални влошки и влажни шамивчиња во тоалетите на едно од битолските училишта, набавени преку приватна донација.
„Тоа води до изостанување од училиште и социјална изолација, а отсуствата не се оправдуваат. Во анкетните прашалници ученичките го потврдуваат тоа, а и во разговор со професорите ни беше кажано дека им е забрането да им ги оправдуваат отсуствата поради менструација,“ изјави координаторката на проектот, Светлана Папачек од Организацијата на жени.
Каква е ситуацијата во Европа?
Во Законот за здравствена заштита на Македонија нема специфична програма за менструални производи.Во Шкотска, од 2020 година е во сила закон кој обезбедува бесплатен пристап до менструални производи. Во Тајван, од 2023 година ученичките добиваат бесплатни менструални производи или купони за нивна набавка. Во Шпанија, жените имаат право на три слободни дена месечно поради болен менструален циклус. Во Чешка, сите училишта ќе бидат законски обврзани да обезбедат менструални производи од 2026 година.
Во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност, со кои стапката за прометот на менструални производи се намали од 18 на 5 проценти (за влошки, тампони, чашки и слични производи). Со тоа се очекува намалување на продажната цена на овие производи.
Недостаток на основни услови
Кога проектот започнал во јануари, Организацијата на жени во Битола констатирала дека во дел од училиштата недостига тоалетна хартија, нема диспанзери за менструални производи и нема основни услови за одржување на менструална хигиена. Во семејствата каде што во просек има најмалку две жени, за менструални производи се потребни околу 840 денари месечно.
Затоа, во септември годинава биле поставени три диспанзери со менструални влошки и влажни шамивчиња во едно од битолските училишта. Производите биле обезбедени преку донација од приватна компанија.
Економски товар за жените
Жената во Македонија, во текот на својот живот, троши еквивалент на осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата „Менструална правда: Проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ објавена во 2021 година.
Иницијатива до Општина Битола
Од Организацијата на жени во Битола изработија иницијатива која ќе ја поднесат до Општина Битола, со барање да се издвојат средства од општинскиот буџет за обезбедување бесплатни менструални хигиенски производи во сите средни училишта.
„На тој начин ќе се гарантира редовно финансирање и достапност до овие производи во сите средни училишта во општината. Иницијативата ќе биде поднесена до новиот Совет и до градоначалникот Тони Коњановски,“ рече Папачек.
Состојбата во Скопје и во земјата
Во Град Скопје, последниве четири години Советот изгласува ставка во буџетот (во 2023 година беа одобрени 65.000 евра) за обезбедување бесплатни менструални производи за средношколките, но ниедна година мерката не била спроведена.
Според истражувањето „Менструална правда“ на „Тиииит Инк.“ и „Реактор“, дури 43 проценти од ученичките во Македонија изостанале од настава поради менструацијата. Речиси секоја трета учесничка изјавила дека барем еднаш немала пари да купи влошки и морала да импровизира.
Изминативе години, неколку невладини организации и здруженија постојано апелираат до институциите да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученички во основните и средните училишта, како и нивна достапност во јавните тоалети низ земјата.






