Над 150 авиони учествувале во операцијата за заробување на Мадуро, соопшти американскиот генерал Ден Кејн

Претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, изнесе детални информации за големата американска воена операција во која преку ноќ беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро, потврдувајќи дека американски авион бил погоден, но оти сите останале оперативни и се вратиле безбедно.
Зборувајќи на прес-конференција во Мар-а-Лаго, Флорида, на која присуствуваше и американскиот претседател Доналд Трамп, Кејн рече дека и покрај овој погодок, сите американски авиони што учествувале во операцијата се вратиле дома.
„Еден од нашите авиони бил погоден, но останал оперативен. Како што претседателот претходно рече, сите наши авиони се вратени дома“, рече Кејн.
Тој додаде дека американските тимови за воздушно и копнено разузнавање обезбедувале разузнавачки информации во реално време за силите на терен.
Кејн, исто така, потврди дека американските сили наишле на отпор додека ја напуштале Венецуела.
„Имало повеќе случаи на самоодбрана додека нашите сили се повлекувале од Венецуела“, рече тој.
Тој претходно објасни дека хеликоптерите биле нападнати од венецуелските сили додека се приближувале кон комплексот на Мадуро, на што одговориле со „супериорна сила“. Еден хеликоптер бил погоден, но останал способен за летање.
Американските сили пристигнале во комплексот на Мадуро околу 1:01 часот по источно време, ја опколиле областа и извршиле апсење. Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, потоа се откажале од отпорот и биле качени на бродот „УСС Иво Џима“ во 3:29 часот по источно време.
Генералот Кејн рече дека операцијата била обемна, внимателно планирана и подготвувана со месеци, и траела со часови за да се заврши на терен. Вклучени биле сите гранки на американската војска, како и разузнавачките и агенциите за спроведување на законот.
Според него, подготовките вклучувале следење на Мадуро за да се дознае како се движи, каде живее, каде патува, што јаде и што носи.
Си-ен-ен претходно објави дека ЦИА распоредила мал тим во Венецуела во текот на летото за внимателно да ги следи активностите на Мадуро.
„Доцна во петокот навечер, повеќе од 150 авиони полетаа од 20 различни бази на копно и море низ целата Западна хемисфера. Меѓу нив беа и хеликоптери што носеа тим за ‘извлекување’, кој леташе кон Венецуела на надморска височина од околу 100 стапки (околу 30 метри) над морето, додека беше заштитен од воздух од американски борбени авиони“, кажа Кејн.
Кејн рече дека времето било клучно и дека операцијата можела да се спроведе само кога временските услови ќе се подобрат доволно за да се намали ризикот за цивилите и да се одржи елементот на изненадување.
Тој потврди дека американските сили ќе останат во регионот по апсењето на Мадуро.
„Додека стоиме тука, нашите сили остануваат во регионот на високо ниво на подготвеност, подготвени да проектираат моќ, да се бранат и да ги заштитат нашите интереси во регионот“, рече тој.
Тој ја опиша операцијата како „доказ за нашата посветеност и непоколеблива решителност да обезбедиме правда и одговорност за оние што го загрозуваат мирот и стабилноста“, заблагодарувајќи им се на сите припадници на службата што учествуваа во мисијата.
На прес-конференцијата американскиот претседател Доналд Трамп рече дека американската војска доколку било потребно можела да го убие венецуелскиот лидер Николас Мадуро за време на операцијата во текот на ноќта.
„Можеше да се случи. Тој се обидуваше да стигне до безбедно место. Знаете, тоа безбедно место е направено од челик, но не можеше да стигне до вратата бидејќи нашите луѓе беа толку брзи“,
рече Трамп пред новинарите на прес-конференција во неговиот имот во Флорида.
Трамп повтори дека американската војска „неверојатно брзо го скршила отпорот“.
„Луѓето се прашуваа дали ќе ги изненадиме. Делумно го направивме тоа, но тие сè уште очекуваа нешто. Имаше многу отпор. Имаше многу пукање“,

Давајќи детали за операцијата Трамп рече дека светлата во Каракас биле изгаснати кога венецуелскиот лидер Николас Мадуро бил уапсен преку ноќ, пофалувајќи ги сите вклучени во операцијата.
„Ниту една земја во светот не можеше да го постигне она што Америка го постигна вчера или, искрено, за толку краток временски период. Сите воени капацитети на Венецуела беа оневозможени. Беше целосно темно, светлата на Каракас беа претежно изгаснати, благодарение на дел од експертизата што ја имаме“, рече Трамп.
Тој додаде дека САД се подготвени да започнат втор напад врз Венецуела доколку е потребно, но посочи дека од тоа повеќе ќе нема потреба откако американските сили ги заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.
„Бевме подготвени да започнеме втор бран доколку е потребно – всушност претпоставувавме дека втор бран ќе биде неопходен, но веројатно не е. Првиот бран, ако сакате да го наречете така, првиот напад беше толку успешен што веројатно нема да мора да направиме втор бран. Но, подготвени сме за втор бран, многу поголем бран“, рече Трамп.
Трамп повтори дека операцијата спроведена во раните утрински часови во саботата, за време на која елитните американски сили ги извлекоа Мадуро и неговата сопруга од нивната спална соба, била „хируршки прецизна“.
„Диктаторот и терорист Мадуро конечно е отстранет и венецуелскиот народ е слободен. Тие се повторно слободни. Долго време чекаа на тоа, но сега се слободни. Америка е побезбедна земја утрово, а Западната хемисфера е многу побезбедно место во моментов“, додаде Трамп.
Трамп на прес-конференцијата најави и дека САД ќе ја водат Венецуела се додека не се направи „разумна транзиција на власта“, но не даде временска рамка за тоа колку долго би можела да трае таквата транзиција, рече тој.
Мадуро моментално е на американскиот воен брод „УСС Иво Џима“, а Трамп објави фотографија на која венецуелскиот претседател е во американски притвор.
Извор: 360stepeni.mk






