Над 160 наставници во 80-ина училишта обучени за настава на деца кои се на лекување
Со конференција што денеска ја организираа МОН и Здружението САНО беше означен крајот на првото полугодие за децата кои наставата ја следеа онлајн затоа што се во болница или на подолго домашно лекување. Во моментов се вклучени 35 деца откако од 1 септември законски се овозможи воведување на формалното образование во здравствени установи.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека со завршувањето на првото полугодие, „со задоволство можеме да кажеме дека имаме една успешна, системска процедура која можело и порано да се спроведе“.
-Во овој момент тврдиме дека е исправена една голема неправда и дискриминација кон децата со хронични и малигни болести кои отсуствуваат повеќе од три недели од училиште. Конечно успеавме заедно со Здружението САНО да направивме и тие да бидат вклучени во наставата, рече Јаневска.
Нагласи дека не се работи само за знаењето што овие деца ќе го стекнат за време на часовите, туку е поважно прифаќањето од другарчињата и целото нивно одделение.
-Споделувајќи емоции, социјални моменти, и тага, и радост, делејќи искуства меѓу себе. И оттука сметам дека можеме да кажеме дека сме успешни. САНО обучи 166 наставници во 83 училишта во седум општини, а повеќе од 800 деца учествувале на обуките како да комуницираат со своите болни другарчиња, изјави Јаневска.
Здружението САНО, кое им помага на децата болни од канцер и на нивните родители, десетина години иницираше овие деца да следат настава и неговата претседателка Марија Вук истакна дека конечно МОН излегло во пресрет.
-По децениска битка дојдовме до овој момент, благодарејќи на МОН и министерката за образование, сите деца кои се на боледување имаат можност да учат. Станува збор за онлајн-настава и ниту едно дете нема да биде исклучено од наставата, рече Вук.
Директорката на Бирото за развој на образованието Милка Тримчевска посочи дека БРО имало „огромен предизвик да направи историски чекори“ работејќи на формален документ што ќе ги вклучи во настава учениците на подолго лекување.
-Реков формален документ, меѓутоа ова е попрво алатка која треба да се примени во процесот на терен и сметаме дека направивме огромен заеднички чекор благодарение на МОН, министерката за образование и наука, секако главниот фактор САНО – кој даде инпут за да може ние да се развуваме, рече Тримчевска.
Додаде дека БРО и натаму ќе дава советодавна поддршка за наставниците да може да се оспособуваат и да ги јакнат своите компетенции и притоа, рече, ниедно дете да не биде надвор од образовниот процес.
Стручен тим на Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и НВО САНО, во текот на првото полугодие изработи и прирачник за наставници кои работат со болните деца.
Прирачникот содржи конкретни чекори за успешна интеграција во наставата на учениците кои отсуствуваат од училницата подолго од три недели од здравствени причини.






