Над 2000 уапсени на пропалестинските протести во САД

Расположението во пропалестинските протести на десетици универзитети во САД продолжува да се вжештува: според извештаите на медиумите, повеќе од 2.000 луѓе се уапсени во изминатите неколку недели. Како што објави телевизијата Си-Ен-Ен од 18 април досега се регистрирани апсења на повеќе од 40 универзитети во најмалку 25 сојузни држави. Протести на кои студентите ги повикуваат универзитските раководства да престанат да соработуваат со Израел или со компаниите за кои велат дека ја поддржуваат војната во Газа имаше и на многу други универзитети, но немаше апсења.

Според последните информации, најмалку 30 лица се уапсени во Портланд во северозападниот дел на САД. На Универзитетот Ратгерс во Њу Џерси, протестниот камп беше мирно расчистен по договор со демонстрантите, се вели во соопштението на универзитетот.

Во четвртокот (2 мај, 2024), стотици пропалестински демонстранти му пркосеа на барањето на полицијата да го напуштат кампусот на Универзитетот Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА). Тие се забарикадираа во нивниот протестен камп . Многу полицајци веќе пристигнаа таму во средата попладне (по локално време). Празни автобуси стоеја подготвени во близина на универзитетот да ги одвезат демонстрантите, кои не ја почитуваа наредбата.

Слично како во САД, пропалестински протести се одржуваат и во други земји. Според канадските медиуми, студентите поставиле протестни кампови и во канадските градови Торонто, Монтреал и Ванкувер. И медиумите во Австралија јавуваат дека студентите демонстрираат и во австралиските градови со над милион жители како Сиднеј и Мелбурн. Пропалестински собири се одржаа и на британските и на француските универзитети.

(dw)

Back to top button
Close