Над 250 учесници од 24 држави на меѓународната конференција организирана од Меѓународниот балкански универзитет и Универзитетот Хјустон – Клир Лејк од САД

Над 250 регистрирани учесници вчера и денес ја следеа Меѓународната конференција за општествени и хуманистички науки (ICSSH2021) која ја организираше Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) заедно со Универзитетот Хјустон – Клир Лејк од САД. Тема на годинешнава конференција беше „Предизвици на светот кој се менува – градење побезбедна иднина“ за која зборуваа еминентни домашни и странски експерти. Главни говорници на овој настан беа д-р Кристофер Вард, професор по психологија на Универзитетот во Хјустон, потоа словенечкиот поет, писател и дипломат, д-р Милан Јазбец, професор по дипломатија на Универзитетот Нова во Словенија и доскорешен амбасадор во Северна Македонија, д-р Ченгиз Шишман, професор по историја и директор на Програмата за историја на Универзитетот во Хјустон, д-р Ахмет Барбак, доктор по филозофија на Катедрата за политички науки и јавна администрација на Универзитетот Катип Челеби во Измир, Турција, како и д-р Кит Парсонс, професор по филозофија на Факултетот за хумани науки и хуманистички науки од Универзитетот Клир Лејк во Хјустон и д-р Дона Колар Панов, професор на МБУ. На свеченото отворање на конференцијата се обратија ректорот на МБУ, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, ректорот на Универзитетот Хјустон – Клир Лејк, проф. д-р Ира Кинкејд Блејк, главниот координатор на конференцијата, проф. д-р Александра Порјазоска Кујунџиски, а свечено обраќање имаше и Претседателот на Собранието на Република Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп.

„Исклучително сме задоволни што Конференцијата наиде на одличен прием за што најдобар доказ, освен големиот број на преку 250 регистрирани учесници, е и фактот што беа поднесени над 160 научни трудови на теми и области од општествени и хуманистичките науки. По тешката ланска година кога, иако пандемијата сé уште не е завршена, сепак светот почна полека да се враќа во нормала, на научната јавност ѝ недостасуваа настани за размена на научни анализи и истражувања од разни области кои ја стимулираат научно-истражувачката дејност во општеството. Токму затоа Конференцијата овозможи размена на идеи помеѓу домашниот академски кадар и експерти од меѓународен ранг. Самата тема предизвика голем интерес, во светло на сето она што се случуваше во светот со почетокот на пандемијата. Една од промените беше и префрлање на многу активности на новите технологии. Оттаму и оваа значајна конференција ја организиравме онлајн, користејќи ги најмодерните технологии, со што уште еднаш докажавме дека МБУ прераснува во модерен претставник на науката на нашата држава во меѓународни рамки“, изјави Александра Порјазоска-Кујунџиски, проректор и главен координатор на конференцијата.

Меѓународниот балкански универзитет, освен што нуди висококвалитетна настава на англиски јазик, поради што е прогласен за  најдобар универзитет во Северна Македонија во областа на наставата и учењето од страна на светски познатото рангирање на универзитетот во Шангај, со организирање разни конгреси, симпозиуми и конференции секоја година, веќе е трансформиран во вистински научен центар. Заедно со својата академска извонредност, МБУ на своите студенти и вработени им нуди меѓународно искуство во образованието во околу 40 земји во светот. Меѓународниот балкански универзитет е двојно акредитирана институција – од страна на Одборот за акредитација на Северна Македонија и од Советот за високо образование на Турција.

Back to top button
Close