Над 3 отсто излезност на локалните избори до 9 часот

Над три отсто од граѓаните досега го искористиле правото на глас на локалните избори, покажуваат податоците на сајтот на Државната изборна комисија. Според ДИК, до 9 часот гласале близу 12 000 гласачи, а обработени се над 20 отсто од гласовите.

Државната изборна комисија првичните резултати од локалните избори добиени по електронски пат од општинските изборни комисии ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Општинските изборни комисии првичните резултати од изборите треба ги објават во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори.

Изборната комисија на Град Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од општинските изборни комисии за Градот Скопје и ги истакнува на огласна табла во Градот Скопје и ги соопштува на јавните гласила.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите, ДИК ги објавува за секоја општина поодделно.

Според Изборниот законик, градоначалник може да се избере во прв круг од гласањето доколку добие мнозинство од гласовите на избирачите кои излегле да гласаат, но услов е излезноста да биде најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи за соодветната општина.

Ако на изборите гласаат една третина од гласачите, но никој од кандидатите нема мнозинство од гласовите, тогаш во рок од 14 дена се одржува вториот круг. Во вториот круг одат само двајцата кандидати кои имале најмногу гласови во првиот, а победува оној кој добил поголем број гласови.

Изборот на советници, пак, се затвора во првиот круг. Колку советници од секоја од поднесените листи ќе влезат во новите совети на општините и на Градот Скопје се пресметува по Донтовата формула.

Back to top button
Close