Над 300 македонски вина и ракии ќе има на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам во рамки на Отворен Балкан


Десетина производители, пак, во Белград ќе претстават автентична македонска храна, а ќе се организира и македонска вечер чиј домаќин ќе биде премиерот Ковачевски. Тој ќе биде дел и од традиционалниот политички самит во рамки на Отворен Балкан заедно со Вучиќ и Рама

Од утре – 1 септември во Белград почнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и вино во рамки на Отворен Балкан, а покровители се трите држави кои се дел од оваа иницијатива: Северна Македонија, Србија и Албанија.

Саемот е насловен „Винската визија на Отворен Балкан и на него ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји. Од земјава ќе има 42 винарници и три дестилерии кои на посетителите ќе им презентираат над 300 различни типови македонски вина и ракии.

„Во рамки на саемот ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот Трофеј на виното на Отворен Балкан 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија“, сметаат од Владата.

Покрај вината, под слоганот „Вкуси го животот“, земјава ќе се претстави и со десетина производители на храна кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.

„Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам“,

објаснуваат од Владата.
На четиридневниот саем ќе се организира и македонска вечер, на која домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски, а гости ќе бидат претставници на бизнис заедниците и владите од трите држави присутни на саемот.

Покрај саемот, во Белград ќе се одржи и традиционалниот политички самит во рамки на Отворен Балкан помеѓу Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.

Back to top button
Close