Над 70 отсто од докторите се соочиле со физичко или вербално насилство на работното место – најмногу тие од Ургентен и од Брза помош

Над 70 отсто од докторите во државава се соочиле со физичко или вербално насилство на работно место, рече на денешната прес-конференција претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова по повод одбележувањето на 12 март – Европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз докторите и здравствените работници.

Од денешната прес-конференција по повод одбележувањето на 12 март – Европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз докторите и здравствените работници / Фото: Принтскрин

Овие резултати, како што додаде, се добиени согласно нивна анонимна анкета направена во 2023 година, според која 80 отсто од докторите се изложени на вербално, а 6,8 отсто на физичко насилство.

„Насилството врз здравствен работник треба веднаш да се пријави. Станува збор за кривично дело за кое е предвидена казна затвор. Речиси 70 отсто од нападите воопшто не се пријавени. Напад врз здравствен работник се казнува, но за да се казни, тој треба да биде пријавен. Минатата година има три пријави за насилство врз здравствени работници. Не е пријатно да се оди на работа со страв поради можност некој од никаква причина да биде непријатен во своите барања, вербално или физички. Нашиот здравствен систем не е идеален, сите тоа го знаеме, но тоа не е причина некој да нè нападне, да нè тепа. Јас цел живот учам да помогнам некому, да бидам покрај болен пациент, да ја откријам неговата дијагноза и да го лекувам што е можно подобро“,вели Гривчева-Старделова.

Најмногу изложени на физичко или на вербално насилство, како што посочи, се здравствените работници во Ургентниот центар и во Итната медицинска помош.

Посочи дека токму таа е една од докторите што биле изложени на физичко насилство пред многу години и никогаш не била повикана во Јавното обвинителство.

„Сè повеќе земаат замав заканите и навредите кон здравствените работници на социјалните мрежи“,

рече таа, додавајќи дека до крајот на месецот ќе повикаат здруженија и пациенти за да направат заедничка дискусија и да најдат заедничко решение за тоа како до побезбедна работа.

Министерот за здравство Азир Алиу, пак, рече дека се планира во сите здравствени установи да има паник-копче кое ќе се поврзе со системот и преку кое, при насилство врз здравствен работник, ќе може да се алармира, односно побрзо ќе се известуваат надлежните институции.

Според него, за здравствениот систем е клучно вработените да се чувствуваат безбедно на своите работни места за да можат да им овозможат подобра здравствена заштита и нега на пациентите.

„За нас како Министерство е важно што успешно се имплементираат измените на Кривичниот законик, со кои насилството врз здравствен работник при вршење професионални работни задачи се смета за насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор. Тука е посебно значајна улогата на Лекарската комора, која активно го следи постапувањето на надлежните институции и предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Какво било насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, бидејќи станува збор за кривично дело“,кажа Алиу.

Проф. д-р Кадри Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар предупреди на сериозноста на последиците од нападите врз здравствените работници, кои можат да вклучуваат психолошки стрес, анксиозност, прегорување, па дури и напуштање на професијата или заминување во странство, нешто што дополнително го слабее нашиот здравствен систем.

За спречување на овие појави смета дека е неопходно здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки, како обезбедување видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите.

Како пример, рече дека на Клиниката за психијатрија има паник-копче.

Back to top button
Close