Над 900 лица под пробациски мерки – системот има капацитет за многу повеќе

Над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе, беше истакнато пред работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, кој се одржува денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно.

– Она живее, меѓутоа има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и 330-40 со Б2 третман. Не велам дека сите, но, најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори, рече Пандов во изјава за медиуми пред настанот.

 

Тој го нагласи и економскиот аспект на проблемот.

– Еден осуденик, месечно не чини околу 1000 евра. Тврдам одговорно дека не мал број од овие 750 луѓе не чинат нас како општество, одат таму како во хотел се однесуваат, ги храниме, ги чуваме. Земаат човечки ресурси – дали луѓето од ресоцијализација се ангажирани, дали затворската полиција, рече тој.

Директорот Пандов посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Тој информираше дека има над 100 барања за прекин на пробацијата кои најчесто се поради непочитување на препораките од страна на осудениците.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ја истакна важноста на ресоцијализацијата.

– Со овој чекор правиме една позитивна работа во промовирање на условниот отпуст и пробацијата која што е подолг период во нашата држава согласно законските прописи. Целта на казнувањето не е секогаш казната сама по себе, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите на кривични дела, а секако, условниот отпуст игра доста важна улога во таа насока, рече тој.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Трајкоска Стрезоски ја нагласи улогата на Академијата.

-Ние како академија сме тука присутни да им дадеме поддршка на судовите и судиите кои што ги работат овие алтернативни мерки и санкции, секако и во процесот на едукација, рече таа.

На настанот присуствуваа претседатели на кривични оддели од апелационите судови, претседатели на основни судови и судии кои работат на условен отпуст.

Back to top button
Close