Над илјада посетители на отворањето на изложбата на МСУ во Виена

Повеќе од илјада посетители вчеравечер беа дел од големото отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection) во престижната галерија „Кунстхале Виена“.

Дел од изложбата се 94 избрани дела од солидарната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ Скопје) во симбиоза со 50 дела на шестемина современи уметници – Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин), Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), како и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска.

„Галерискиот простор на Кунстхале буквално беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година“, велат од МСУ.

Во изложбениот проект е вклучена и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков.

На синоќешното официјално отворање на изложбата во Виена се обратија и двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ – Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина.

На отворањето на изложбата присуствувале и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир, како и голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници на македонската амбасада во Австрија.

Изложбата ќе биде отворена до следната година, а според статистиките и искуствата на „Кунстхале Виена“, од МСУ велат оти се предвидува да ја погледнат повеќе од 75 илјади посетители од целиот свет.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close