Над половина од Европејците стравуваат од војна со Русија во наредните години

Голем дел од европските граѓани се загрижени дека ризикот од војна со Русија е висок, покажува истражување спроведено во девет земји-членки на Европската Унија и објавено денеска од француското списание Ле Гран Континан.

 

Повеќе од половина (51 отсто) од анкетираните сметаат дека постои „висок“ или „многу висок“ ризик Русија да влезе во војна со нивната земја во наредните години, покажува анкетата спроведена меѓу 9.553 лица со помош на квотен метод.

 

Истражувањето е спроведено кон крајот на ноември од институтот „Кластер 17“ (Cluster 17) во Франција, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Португалија, Хрватска, Белгија и Холандија, при што во секоја земја се анкетирани над 1.000 лица.

 

Тие одговарале на прашањето: „Според вас, дали е можно Русија да влезе во војна со вашата земја во следните години?“

 

Перцепцијата на ризикот од отворен конфликт со Русија варира во зависност од земјата. Во Полска, која граничи со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, 77 отсто од анкетираните го сметаат овој ризик за висок или многу висок. Нивниот број е 54 отсто во Франција и 51 отсто во Германија.

 

За разлика од Полјаците, 65 отсто од анкетираните Италијанци го сметаат ризикот за низок или непостоечки.

 

Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека 81 отсто од анкетираните не веруваат или речиси не веруваат дека во наредните години ќе избувне војна со Кина.

 

„Следствено, Русија претставува, со голема разлика, најсериозната закана за војна според европското јавно мислење“, анализира геополитичкото издание „Гран континан“.

 

„Доколку Русија е големата државна закана, тероризмот е најнепосредната закана во европското јавно мислење. Во деветте земји опфатени со истражувањето, 63 отсто од анкетираните го сметаат ризикот од отворена војна со терористички организации за „висок“ (или многу висок)“, додава изданието.

 

Анкетираните се сомневаат во воените способности на сопствената земја против Москва. Повеќе од две третини (69 отсто) од нив сметаат дека нивната земја „воопшто не е“ или „првенствено не е“ способна да се одбрани од руска агресија. Во Франција, единствената земја од списокот која располага со нуклеарно оружје, анкетираните се најмалку песимистични, при што 44 отсто сметаат дека нивната земја е „целосно“ или „првенствено“ способна да се одбрани.

 

На другиот крај на спектарот се Белгијците, Италијанците и Португалците, кои во најголем дел сметаат дека нивната земја е неспособна да се одбрани (соодветно 87 отсто, 85 отсто и 85 отсто).

 

Истражувањето опфаќа цела низа теми, како на пример покажува дека 55 отсто од анкетираните сметаат дека Европа треба да заземе балансирана позиција меѓу двата големи геополитички ривали во светот, САД и Кина.

 

Речиси половина, 48 отсто, го сметаат Доналд Трамп за „еден од најлошите претседатели во историјата на САД“, но повторно има големи разлики по земји.

 

Поголемиот дел од Европејците ја перцепираат имиграцијата како „закана за единството на земјата“. Ова чувство е посилно изразено во северниот и источниот дел на континентот, отколку во јужниот.

 

Освен тоа, Европејците го поддржуваат намалувањето на јавните трошоци и бројот на државните службеници

Back to top button
Close