Надеж

Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, ќе пишувам за надежта, една од трите доблести покрај љубовта и верата.

Древната мудрост вели „Надежта последна умира“. Полн со љубов кон татковината, верувам дека ќе го дочекам денот кога вистината ќе испадне на виделина, а јавноста ќе биде сведок на злоделата направени од криминогени умови кои институционално ги реализираа своите криминали.

Пишував, пишувам и ќе продолжам да пишувам за фактите кои се неспорни и укажуваат дека Еуростандард банка е убиена со умисла.

Полни 46 месеци заспивам и се будам со горчлив вкус од нанесена неправда, кон мене и кон моето семејство.

Но за жал, не сме само јас и моето семејство погодени од овој стечај, погодени се илјадници правни и физички лица кои ја платија цената на ваков неразумен чин.

,,Македонски пошти” како државна компанија е пред колапс, токму поради уништеното право да приходува финансиски средства од услугите на 1,4 милиони банкарски трансакции на месечно ниво и приходи од услуги за испорачани 80.000 пензии на пензионерите во Македонија.

Еуростандард банка ја полнеше касата на ,,Македонски пошти” со стотина илјади евра месечно, од направените услуги.

Првото прашање, кое се поставува пред мене, е дали ќе има одговорност на институции и поединци кои се учесници или соучесници во убиството на Еуростандард банка?

Повеќе од јасно е дека финансиски средства во стечајната маса на Еуростандард банка има повеќе отколку што се потребни за покривање на обврските кон правните и физички лица, клиенти на банката.

Владата во заминување цело време молчеше пред фактите кои ги изнесував секоја недела, а нивниот молк беше пренесен на сите институции кои по закон се обврзани да го штитат правниот поредок во државата.

Повторувам, егзекутор беше Народна банка, а соучесници беа Техничката влада, предводена од Оливер Спасовски, Собранието на Република Македонија и Јавното обвинителство.

Денес, по завршените претседателски и парламентарни избори, се наоѓаме во исчекување на формирање нова влада , која обзнани дека еден од главните приоритети ќе биде борбата против организираниот криминал и корупција.

Верувам и сакам да верувам дека ќе се формира нова влада, која отворено ќе се зафати во костец со борбата против ова општествено зло.

Организираниот криминал и корупција не се по улиците, туку се инсталирани во институциите на системот.

Не сум единствен кој е оштетен од сопствената држава, нѐ има илјадници кои како мене чекаат правото и правдата да завладеат во државата.

Знам дека, доколку новата влада се зафати во вистински костец со ова зло, борбата нема да биде лесна, ќе биде тешка и долга, бидејќи вдомениот организиран криминал има силни финансиски средства преку своите етаблирани кадри во институциите на системот и убеден сум дека ќе пружа силен отпор.

Ја поддржувам новата влада бескомпромисно да влезе во оваа борба, бидејќи тоа е единствениот начин како украдената држава ќе ја вратиме на граѓаните.

Имам надеж дека ветувањата дадени за време на претседателските и парламентарни избори, ќе бидат остварливи. Најбитно е да се прејде од флоскули, кои до денес се користеа во борбата против организираниот криминал на дела.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close