Надградба на здравствената инфраструктура за справување со Ковид-19, активни 4.117 случаи

Подобар одговор на предизвикот со вирусот КОВИД-19  треба да овозможи предлог проект за подобрување и надградување на здравствената инфраструктура за брз одговор и справување со КОВИД-19, што е прелиминарно поддржан од Светската банка и којшто според ресорниот министер Венко Филипче може да се надополни. Во пресрет на есенскиот бран се зајакнуваат и капацитетите на Клиниката за пуломологија со монтажна амбуланта, со оглед дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот.

Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 10.617, на оздравени пациенти е 6.020, а на починати е 480. Нови 119 нови случаи на КОВИД-19 од 1.325 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминатите 24 часа. Починаа четири лица од Скопје и Гостивар. Регистрирани се 89 оздравени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на состанок со експерти од Светска банка ги образложил сите аспекти кон покривање на итните потреби на здравствениот систем за зајакнување на капацитетите на системот за соодветно менаџирање на случаите со ковид-19.

Како што рече Филипче, Светска банка го поддржа прелиминарниот предлог проект за подобрување и надградување на здравствената инфраструктура за брз одговор и справување со КОВИД-19, тој може да се надополни и ќе помогне подобро да одговориме на предизвикот.

-Проектот е насочен кон подобрување на дел од здравствените установи, но и обезбедување на лабораториска опрема. Жалам што дополнителната заменичка министерка за финансии целиот овој изминат период го блокираше проектот, а со тоа се ставија во ризик пациентите. Нашиот предлог план е поддржан од страна на Светска банка, но истиот може и да се надополни, тие се флексибилни. Пациентите се на прво место. И токму затоа, со овој проект, ќе го зајакнеме нашето јавно здравство, но и подобро ќе одговориме на предизвикот со ковид-19, изјави министерот Филипче.

Првата компонента од проектот за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување зголемување на капцитетите за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање случаи и следење контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници.

Од вкупниот број активни 4.117.  случаи  во државава, во Скопје има  1.814, во Штип 441, во Куманово 296, во Гостивар 258, во Тетово 228, во Свети Нилое 179, во Струга 190, во Дебар 123, Кичево 94, во Охрид 87, во Битола 70, Прилеп 58, во Ресен 33, во Кавадарци 38, Демир Хисар 27, Пробиштип 26, Кочани 25, Радовиш 23, Струмица 23, Велес 18, Македонски Брод 15, Гевгелија 11, Крива Паланка 10, Крушево 9, Кратово 7, Неготино 5, во Виница и Делчево по четири случаи и во Берово два нови случаи.

Од скопските општини и натаму најмногу активни случаи има во Чаир  – 256, Аеродром – 191, Гази Баба – 177, Кисела Вода – 175, Карпош – 164, Центар – 152, Шуто Оризари – 130, Бутел – 127, Ѓорче Петров – 122, Сарај – 103, Студеничани – 82, Арачиново – 36, Сопиште – 24, Илинден – 26, Петровец – 19, Чучер Сандево – 12, Зелениково- 7, седум странци, како и четворица кои се нераспределени.

Министерството за здравство во пресрет на есенскиот бран со коронавирусот вчера соопшти дека за помалку од две недели заврши поставувањето на новиот монтажен објект – амбулантско поликлинички оддел на ЈЗУ Клиника за пулмологија и алергологија, лоциран на просторот меѓу Институтот за патофизиологија и Институтот за ТБЦ.

Во новиот објект, како што се посочува, се наоѓаат четири амбуланти и кабинети со спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања и за ЕКГ, како и две засебни простории за дневни болници за сместување амбулантските пациенти. Сето ова е придружено со сите потребни помошни простории, тоалети и гардеробери за персонал, засебни тоалети за пациенти, чекални, административни соби, стерилни остави, сервер соба, климатизација и слично. Целиот простор ентериерно и екстериерно е оформен така што не постојат бариери и препреки за лица кои користат помагала и лица со попреченост, за кои се предвидени и специјални тоалети согласно стандардите, информираат од Министерството.

Во наредните денови се очекува да заврши и опремувањето на внатрешноста со инвентар, немедицинска и медицинска опрема која е донација од Здружението на граѓани Обединета Македонска Дијаспора, а кон средината на август објектот ќе биде целосно готов за прием на пациенти.

Поставувањето на новата монтажна амбуланта е со цел оние пациенти кои имаат било каква белодробна симптоматологија целосно да се одделат од сите други пациенти, и во амбуланскиот дел да се направи тријажа на пациентите. Ова е важно за наредниот период, за есенските месеци, во кои што бројот на пациенти со белодробни заболувања вообичаено значајно се зголемува. Од Клиниката за пулмологија појаснуваат  дека пациентите со белодробни заболувања, заради хроничната болест на белодробниот систем се во најризичната група за добивање Ковид-19, како и за развивање тешки компликации од вирусот, затоа е посебно значајно поставувањето на монтажната амбуланта, која ќе ги исполнува најсовремените стандарди за работа, стои во соопштението.

Се уште се во сила мерките за носење на заштита на пределот околу устата и носот, држењето на дистанца и негрупирањето. Во последниот период, откако се укинаа речиси сите рестрикции и се воведоа протоколи за функционирање, секојдневно се бележат по над сто случаи на новозаразени со Ковид-19.

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 355 прекршоци.

Back to top button
Close