Надминат проблемот со употребата на придавката „македонски“ – чекор напред по средбата на македонско-бугарските историчари?

Чекор напред или само формално техничка средба? Вчерашниот состанок на Македонско-Бугарските историчари, иако само технички и во видео формат, веќе денеска се толкува како напредок во решавањето на споровите меѓу двете земји. Вчера он -лајн заседаваа претседателите на комисиите од двете страни, придружени со уште по тројца членови од нивните тимови, пренесува ТВ21.

Епилогот беше, еден целосно и еден делумно усогласен записник, брифираат извори од Комисијата. Потврдуваат дека историчарите од двете земји постигнале целосно усогласување околу употребата на придавката “МАКЕДOНСКИ”.

„Средбата беше техничка. И на неа целосно успеавме да го усогласиме записникот од 9-тата средба а делумно го усогласивме записникот од 10 средба. Но овој записник останува да се доработи. Целосно ја надминавме спорната употреба на придавката МАКЕДОНСКИ. Договорено е во иднина ние дома да ја употребуваме придавката МАКЕДОНСКИ додека пак бугарската страна инсистира на начелата од Преспанскиот договор. Всушност Бугарија инсистира во употребата и именувањето на ентитети,теми, органи -финансирани од државата да ја употребува одредницата РСМ. Ние на домашен терен во ваквите случаи ќе ја користиме придавката МАКЕДОНСКИ.“, велат од Комисијата за историски прашања на Република Северна Македонија.

Придавката МАКЕДОНСКИ се користи во историјата, велат од Комисијата за историски прашања. Од таму брифираат дека двете страни договориле, сите искази на членовите на Комисиите да бидат цитирани, со што, како што додаваат, сите наши и ставовите на бугарската страна се заштитени. Остануваат оптимисти, дека следните редовни средби на 25 и 26 Февруари ќе се одржат а дотогаш како што велат ќе работат на записниците од 10 и 11 средба. Успешниот епилог како што го оценуваат од нашата комисија , следеше по последната средба во декември. Само за потсетување тогашното он-лајн заседавање, не даде никаков резултат, туку само искри од двете страни.

„Блокирајќи го потпишувањето на записниците во моментот имаме две средби без записници. Тоа донекаде ја става под сомнеж нашата работа бидејќи без документ кој јасно го одразува тоа кои дискусии се водени какви одлуки се донесени навистина работите изгледаат некако несигурни и кажуваат за немање на желба да се работи поинтензивно и со повеќе резултати… Појавата на оваа нова позиција на нашите колеги е дел од еден политички однос од едно убедување за дискредитирање на Бугарија и државните позиции…“, вели Ангел Димитров.

„Овде се отвори и јавно тој проблем и тој проблем треба да се разгледа посериозно и на повисоко ниво и верувам дека тоа ќе се направи. Да се расчисти и разјасни употребата на таа придавка.“, изјави Драган Ѓоргиев.

Последниот (онлајн) состанок траел близу пет часа. Инаку во планот за оваа година планирано е да се одржат пет состаноци на македонско-бугарската комисија. Членовите во изминатиот период постигна согласност околу делот од историските учебници во двете земји, но не и околу прашањето за Гоце Делчев.

Повторно беше проблематизирано и прашањето за Цар Самоил кое се сметаше за затворено.

Back to top button
Close