Надзорно тело на Пентагон утврди дека користењето на Сигнал од страна на Хегсет претставувало ризик за американските војници
Внатрешна истрага на Пентагон утврди дека ракувањето со чувствителни воени податоци од страна на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во март претставувало значителен ризик за војниците, јавија американските медиуми.

Телевизиите, меѓу кои и Еј-Би-Си Њуз и Си-Ен-Ен, јавија дека истрагата на генералниот инспектор на Пентагон заклучила дека Хегсет споделил високо чувствителни оперативни детали преку апликацијата за пораки Сигнал за време на подготовките за напад врз милицијата Хути во Јемен, што потенцијално ги загрозило американските трупи.
Телевизиите цитираат како извори лица запознаени со содржината на неоткриениот извештај, пренесе ДПА.
Извештајот на генералниот инспектор во моментов е класифициран и наводно денеска треба да биде јавно објавен во ревидирана форма.
Истрагата беше покрената откако американското списание The Atlantic кон крајот на март објави детали за нападот во Јемен, откако неговиот главен уредник, Џефри Голдберг, рече дека бил случајно додаден во разговорот на Сигнал од тогашниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Мајкл Валц.Во извештаите објавени откако се случија нападите, Голдберг детално опиша како можел да чита планови во живо за претстојната воена акција против милицијата Хути поддржана од Иран, во разговорот во кој биле вклучени и Хегсет и други високи владини функционери.
Користењето на Сигнал од страна на високорангирани членови на владата за размена на чувствителни информации предизвика гнев. Валц беше отстранет од функцијата советник за национална безбедност и преместен во Њујорк како амбасадор на САД во Обединетите нации.
Хегсет во тоа време тврдеше дека не открил никакви класифицирани информации.
Американскиот претседател Доналд Трамп го бранеше шефот на Пентагон, кој е одговорен за најмоќната воена сила во светот, со буџет од околу 800 милијарди долари, клучни проекти за вооружување и одлуки за безбедносната политика.
Хегсет ги негира сите наводи. За време на неговото сослушување за потврда, тој ги нарече „координирана кампања за оцрнување“ од страна на медиумите.
Хегсет неделава се соочи со испитување по извештаите на Си-Ен-Ен и Вашингтон Пост дека на 2 септември американската војска прво погодила брод кој наводно превезувал шверцери на дрога на Карибите, а потоа убила двајца преживеани мажи во втор напад.
Американските законодавци изразија загриженост поради извештаите за вториот напад.
Демократските сенатори Крис Ван Холен и Тим Кејн, кои се членови на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, во неделата изјавија дека вториот напад за елиминирање на преживеаните би бил воено злосторство.
Хегсет негира каква било директна одговорност.






