Нафтоводот Скопје – Солун доби лиценца за работа по повеќе од една деценија

Нафтводот Скопје – Солун доби лиценца за работа и можност да биде употребен по повеќе од една деценија. По речиси една година разгледување на барањето, Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ја потврди оваа одлука, инаку веќе донесена на претходно подготвителна седница. Лиценцата е со важност од 35 години, односно од 2023 до 2058 година, пренесе Фактор.

Вардакс, претпријатието кое стопанисува со нафтоводот Скопје – Солун, како што стои во одлуката за издавање на лиценцата, ја доставувал потребната документација повеќекратно, се до 17 октомври. Било побарано и мислење од Министерството за транспорт и врски дали нафтоводот може да се стави во употреба, по што РКЕ на крајот одлучила позитивно. Во Вардакс сопственик од 20 отсто е државата преку претпријатието „Нафтовод“, а поголемиот удел од 80 проценти го има групацијата Хеленик Петролеум.

Претходно директорот на „Нафтовод“, Есад Рахиќ, рече дека ќе има процедури и потреба од носење на одредени подзаконски акти и дека треба да се добијат сите дозволи навремено, како и да се утврди транспортната цена од македонска и грчка страна. Според очекувањата на Рахиќ, нафтоводот ќе работи повторно со полна динамика. Продуктоводот е затворен од 2013 година кога од страна на Хеленик Петролеум оценија дека неговото работење е непрофитабилно.

Според одлуката на РКЕ, пред отпочнување со комерцијална работа, Вардакс единствено треба да достави уште само доказ за заснован работен однос со вработени стручни лица.

Повеќе

Back to top button
Close