Нагло се зголемува бројот на новозаразени во Израел, повторно се отвораат одделите за Ковид-19 во болниците

Министерството за здравство на Израел им нареди на болниците во државата да ги отворат одделенијата за пациенти со коронавирус поради нагло зголемување на бројот на новозаразени во последните неколку дена, изјави денеска портпаролот на Министерството.

За утре е закажана итна владина седница заради утврдување нови чекори за борба против пандемијата

– Ако веднаш не го промениме нашето однесување кога станува збор за употребата на маски за лице и правилата за физичко растојание, ќе бидеме принудени, и против наша волја, да воведеме нови рестриктивни мерки, предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во вчера објавениот извештајот на израелската воена тајна служба се предупредува на втор бран на инфекцијата. „Ако не реагираме брзо за сузбивање на ширењето на коронавирусот, во рок од еден месец, може да имаме по1.000 новозаразени, како и стотици смртни случаи, се вели во извештајот.

– Сведоци сме на загрижувачко и трајно зголемување на бројот на заразени лица, изјави денеска проф. Сигал Садецки, главна претставничка на Министерството за здравство. Таа рече дека Министерството не сака да предизвика страв кај населението, туку само јавно ја кажува вистината.

– Треба да бидете свесни дека можностите на системот за здравствена заштита се ограничени, истакна Садецки.

Израел брзо реагираше на пандемијата во средината на март, воведувајќи строг карантин, што резултираше со релативно ниска стапка на инфекција на коронавирус и особено ниска стапка на смртност.

Сепак, земјата брзо ги укина карантинските мерки, по што, од крајот на мај бројот на новозаразени постојано расте.

Според Министерството за здравство, во Израел повеќе од 20.680 луѓе биле или се заразени со коронавирус, а 305 починале од Ковид-19.

Back to top button
Close