Награда за животно дело за Де Ниро на отворањето на Фестивалот во Кан

На свеченото отворање на 78. Кански филмски фестивал денеска, американскиот глумец Роберт де Ниро (81) треба да добие почесна „Златна палма“ за животно дело.

– Имам толку блиски чувства за Фестивалот во Кан, истакна Де Ниро кога минатиот месец беше објавена денешната награда. – Особено сега, кога има толку многу во светот што нѐ разделува – Кан нè зближува – раскажувачи, филмаџии, обожаватели и пријатели… Тоа е како да се враќам дома, додаде глумецот.

Отворањето на настанот ќе биде проследено и со проекција на „Partir un jour“ („Напушти еден ден“) на француската режисерка Амели Бонин – филм којшто ја раскажува приказната за жена која го напушта родниот град за да изгради сопствен живот, но мора да се врати поради семеен итен случај. Инаку, 22 филма годинава се борат за „Златната палма“.

Меѓу првичните фаворити се „Умри, љубов моја“ на Лин Ремзи, со Џенифер Лоренс и Роберт Патинсон и „Едингтон“ на Ари Астер, со Педро Паскал, Ема Стоун и Хоакин Феникс. Историската драма „Гледајќи во сонцето“ на германскиот режисер Маша Шилински е исто така меѓу најочекуваните филмски новитети.

Натаму, еден од документарните филмови е портрет на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Меѓу нив има и репортажа од фронтот снимена меѓу февруари и април 2025 година, од страна на францускиот репортер Бернар-Анри Леви, како и приказна за армијата раскажана од украински автор.

Фестивалот ќе трае до 24 мај.

Надвор од главната конкуренција, деби-режисерските остварувања на Кристен Стјуарт (филмот „Хронологија на водата“) и на Скарлет Јохансон („Великата Елеонор“) ќе бидат прикажани како „необични и нетрадиционални“ приказни. Минатогодишниот победник беше американскиот филм-оскаровец „Анора“ во режија на Шон Бејкер.

Back to top button
Close