Наградата „Петре Прличко“ за 2020 врачена на Слободан Степановски

На затворањето на 18 ИФАД „Стоби“ 2021 синоќа на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов –Џинот беше врачена и наградата  „Петре Прличко“ за 2020 година на актерот Слободан Степановски од битолскиот Народен театар.

Во негово отсуство наградата ја прими неговата ќерка и актер Викторија Степановска-Јанкуловска од  битолскиот Народен театар, а наградата и ја врачи градоначалникот Аце Коцевски.Таа синоќа беше наградена и со наградата за најдобра женска улога на 18 ИФАД „Стоби“ 2021, па така прими две награди својата и на нејзиниот татко Слободан Степановски, за кој рече дека во последен момент од оправдани причини бил спречен да дојде во Велес да ја прими високата театарска награда која се доделува за значаен придонес на  драмската култура во земјава.

Примајќи ја наградата на својот татко актерката Викторија Степановска-Јанкуловска појасни дека навистина жали што вечертва имала можност со татко и да застанат на сцена и да ги примат наградите,бидејќи на сцена  ретко застанувале како актери –партнери.

-Вечерва за првпат имавме можност да застанеме на сцената како лауреати, но тој во последен момент беше спречен да дојде во Велес и да ја прими наградата. Овој текст го пишував во последен момент затоа што во последен момент излезе и ова негово недоаѓање. Да го посветиш животот на театарот, а при тоа да не си дел од оние кои секогаш велат ДА, кои ја веднат главата, кои бескомпромисно се согласуваат со секоја лудост и молчат пред авторитетите, колку и да се незаслужени, самопрогласени, не е лесно. Јас тоа добро го знам затоа што и тоа го наследив од татко ми, освен определбата да станам актерка и искрено не ми е криво ако за оваа моја како да речам „непослушност“ што станав актер. Денес е ретко да имаш свое јас, а уште поголема реткост според мене е таа големина да биде препознаена. Затоа јас од свое лично и име на татко ми Ви благодарам. Неизмерно жалам што тој од оправдани причини не е овде да ја поделиме оваа сцена, да го живееме овој свечен миг да го славиме театарот. Ја пренесувам неговата искрена благодарност и желбите на оваа сцена во годините кои следат да се изредат десетици-стотици колеги кои гордо  ќе ја понесат плакетата со ликот на великанот на театарот Петре Прличко. Истовремено товарот да биде добар пример за следните генерации, истакна Степановска-Јанкуловска.

Во чест на овој лауреат и лауреатите на ИФАД „Стоби“ 2021 беше одиграна претставата „Отело“ во копродукција на Перипетија МНТ, МКД и Народниот театар од Зеница Босна и Херцеговина.

Наградата која се состои од плакета „Петре Прличко“ и паричен износ од 30 илјади денари беше соопштена на 6 ноември лани и требаше да биде врачена по повод 9 – ти Ноември, Денот на Општина Велес. Но поради Ковид пандемијата доделувањето на која се игра и претстава во чест на лауреатот тогаш беше одложено.

За оваа награда во конкуренција имаше пет предлози: Игор Џамбазов од Македонскиот народен театар (МНТ), Слободан Степановски од Битолски театар, Магдалена Ризова-Черних од Театар Комедија, Горан Илиќ од Кумановски театар и Дубравка Киселички исто така од Кумановскиот театар.

Инаку наградата „Петре Прличко“ посветена на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко, родум велешанец од Којник, се доделува од 2006 година и прв добитник беше Благоја Спирковски Џумерко, потоа и Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов, Александар Ѓорѓиев, Милица Стојанова ,Кирил Гравчев. Младен Крстевски и Диме Илиев кој ја доби  во 2019 година. Слободан Степановски е нејзин 14 добитник. Наградата не беше доделена во 2017 година

Back to top button
Close