Наградата „Владимир Георгиевски“ за скулпторот Андреј Митевски

Наградата „Владимир Георгиевски“, во чест на великанот на македонската ликовна уметност ја доби ликовниот уметник, скулпторот Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“, соопштија од Здружението за култура „Транзен“ од Струмица.

Одлуката ја донел ликовниот уметник Ниче Василев, селектор и жири на годинашната, четврта по ред, изложба „Несовршен простор“.

-Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка… Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво, потсетува на стиховите од Лао Це: Слабоста е сила, цврстината е слаба…, стои во образложението на одлуката.

Оваа година 16 сликари и вајари го истражувале феноменот на метаморфозата, а изложбата од делата ќе биде отворена на 15 јуни во Европската куќа во Струмица.

Back to top button
Close