Наградени еко училници во Карпош

– Еко – училницата на основното училиште „Димо Хаџи Димов“ го освои првото место на јавниот повик на општина Карпош, за најдобро уреден училишен двор или дел од дворот. Второто место и припадна на училницата на отворено на ООУ „Братство“, а третото место го доби основното училиште „Лазо Трповски“.

Еден од условите, како што соопшти Општина Карпош, беше овие училници да се направат со заеднички труд на наставниот кадар, учениците и родителите и за нив да се користат еко – материјали.

Изборот го направи посебно формирана комисија, составена од членови на Советот и стручни служби од Секторот за животна средина и енергетска ефикасност. За прворангираното училиште се додели награда од 50 илјади денари, за второрангираниот 30 илјади денари, а 20 илјади денари финансиска поддршка е доделена за освоеното трето место.

– Паричната поддршка е само еден начин на мотивација, а најважно е тоа што се стекнува во целиот процес на креирање на овие простори. Учениците и наставниците комуницираат надвор од она што е училишна материја, се поттикнува креативноста, свеста за животната средина, а на крајот се создава нешто вредно за сегашните и идни генерации, рече при доделувањето на наградите градоначалникот Стефан Богоев.

Општина Карпош за прв пат распиша ваков јавен повик. Идејата, како што посочуваат, потекнува од програмата на градоначалникот, сите дворови на училиштата да прераснат во спортско – рекреативни центри, места за дружба и маалски соживот, но и од она што веќе го направи ООУ „Лазо Трповски“.

Додаваат, токму ова училиште, уште пред две години, по идеја на педагогот Рената Поповска ја направи првата еко – училница. Таму училиштето одбележа дел од својот патронат, а учениците прославија и полуматура.

– Иако денеска „Лазо Трповски“ го освојува третото место, тие поставија стандард и поттикнаа креативност која вреди многу повеќе од награда. Во оваа прилика им благодариме, рече Богоев.

На настанот беа истакнати и еко – училници на уште три основни училишта, при што добија пофалници: „Вера Циривири – Трена“, „Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Петар Поп Арсов“.

Back to top button
Close