Награди за документарецот „Приказната за Силјан“ во Лос Анџелес

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска, македонскиот кандидат за Оскар, освои награда за најдобар документарен филм и за најдобра камера на 41. издание на IDA Documentary Awards во Лос Анџелес,
Како што соопшти тимот, режисерката Котевска изјави дека овој е нејзин „најличен филм досега“ и дека успехот го посветува „на сите документарни воини ширум светот.“
Наградата за најдобра камера ја доби кинематограферот Жан Дакар која, како што се наведува во соопштението, „несомнено придонесува за целокупниот артистичен израз на филмот“.
-IDA признанијата важат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и се сметаат за еден од најсилните индикатори за успех во оскаровската трка. Добитниците многу често се наоѓаат меѓу номинираните, но и меѓу добитниците на Оскарите. Овој успех ги зацврстува шансите на „Силјан“ во двете категории во кои се натпреварува во претстојната оскаровска сезона. Потесниот избор за Оскарите (short listed) ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации на 22 јануари 2026 година, соопшти тимот.
Филмот на Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films и „веќе предизвикува силен меѓународен интерес и го поставува македонското документарно творештво на значајно место во глобалниот филмски простор“.






