Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ во кината

Детскиот белгиски филм „Вселенско момче“, во режија на Оливие Перу, од утре ќе игра во пет киносали низ републиката. Проекциите почнуваат утре во 13:00 часот во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ Неготино, од каде продожуваат во Центарот за култура „АСНОМ“ Гостивар и киното „Милениум“ во Скопје од 15:00 часот, во Кинотека на Северна Македонија со почеток од 18:00 часот и во Домот на култура „Крсте Мисирков“ во Свети Николе од 20:00 часот. Проекциите во Кинотека и кино „Милениум“ и онлајн на Cinesquare.net се во рамки на проектот KidSquare – Детско катче, поддржан од Град Скопје.
Сценариото е на Еузебио Лареа и Оливие Перу. Филмот е добитник на низа награди на фестивали за филмови за млади меѓу кои и Европската награда за филм за деца и награда од детското жири на Интернационалниот филмски фестивал во Рига.

Филмот ја освои и главната награда на Интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан.
Младиот протагонист во „Вселенско момче“ е 11-годишниот Џим кој е вљубеник во вселената и науката. Доселувајќи се во нов град со татко му, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата нова соученичка Ема, чувствително и срамежливо девојче. И покрај нејзината неподготвеност, Џим ја убедува да го имитира проектот „Екселсиор“ на Китингер (првиот човек кој стигна до границата на вселената во 1960 година) и тајно да направи вистински воздушен балон. Овој талент го наследува од неговиот татко, Греам, астрофизичар кој треба да оди на вселенска мисија. Бидејќи мајката на Џим е почината, овој проект му е многу важен. Но, кога открива дека Греам се откажал без да му каже, неговиот свет се распаѓа. Натпреварот се претвора во опсесија и Џим сака да докаже дека нема да се откаже како неговиот татко. Џим ја турка Ема до нејзините граници и ја вовлекува во авантура која ќе ги зближи.
Дистрибутер на филмот е Катавеј, а дистрибуцијата на филмот е овозможена од потпрограмата МЕДИА Креативна Европа.

Back to top button
Close