Наместо бесплатен, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ го поскапеа превозот со ЈСП, реагираат од СДСМ

СДСМ реагираат на најавата дека Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ воведува дневен билет за возење во автобусите од јавниот превоз кој ќе чини 120 денари. Оттаму велат, наместо бесплатен јавен превоз, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, со ваков потег ја поскапуваат услугата.

„Само две недели им беа потребни на партиските кадри поставени од Данела Арсовска да ја закочат и уназадат работата на Јавното сообраќајно претпријатие. Уште во првите недели по поставувањето раководството на ЈСП бара помош од Влада, очигледно неспособно да се справи со предизвиците. ЈСП е под надлежност на Град Скопје и помош прво треба да побара од Градот и градоначалничката Арсовска“,

кажа на денешната прес-конференција Мартин Попов, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје.

Од владејачката партија велат дека Владата му помогнала на ЈСП со тоа што даде гаранција за заемот од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за имплементриање на Бас рапид транзит системот.

„Арсовска заради лични каприци реши да го прекине овој проект кој треба сериозно да го унапреди квалитетот на јавниот превоз во главниот град.  Наместо да го продолжи проектот за кој се обезбедени средства, проект кој е целосно еколошки и ефикасен, Арсовска ги лаже скопјани дека ќе воведе бесплатен превоз дури за две години отсега.  Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ не се способни ниту да управуваат успешно со ЈСП а не пак да донесат 250 нови автобуси и да воведат бесплатен јавен превоз“

вели Попов.

Од владејачкиот СДСМ обвинуваат дека со прекинување проекти, со кратење средства за животна средина, понитување огласи и партизација на администрацијата, Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ уште во првите месеци покажале дека немаат намера да се грижат за граѓаните, туку единствено за своите лични и партиски интереси.

„Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето, оваа партија заедно со Арсовска сака да го запусти градот и да го спречи неговиот развој“,велат оттаму.

Back to top button
Close