„Наместо да го осуди насилството, ми се обрати со навредливи зборови“ – Мирчевска вербално нападната од роднина на дете кое го тепало нејзиниот син

Претседателката на здружението „Заедно Сме Посилни“, Мирјана Мирчевска, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека нејзиниот малолетен син бил физички нападнат додека си играл во детски парк пред ресторан во Битола, а таа кога излегла да го заштити, доживела сцена, за која вели дека ниту еден родител не би сакал да ја види.

„Вечерва, додека вечеравме во еден ресторан во Битола со моето семејство и мојот мал син, доживеавме сцена што ниту еден родител не би сакал да ја види. По вечерата, мојот син излезе да си игра во детскиот парк пред ресторанот. За само неколку моменти беше физички нападнат од дете на околу 10-годишна возраст. Гледав како моето дете се обидува да се одбрани од ударите и да се повлече наназад. Во паника почнав да го повикувам по име, а потоа истрчав кон него. Му се обратив на детето со зборовите: ‘Престани да го удираш мојот син. Зарем дома те учат дека насилството е решение?’“, пишува Мирчевска.

Наместо ситуацијата да се смири, таа раскажува дека се вмешал повозрасен човек кој бил роднина на детето:

„Седеше на клупата во близина. Наместо да го осуди насилството, ми се обрати со навредливи зборови и започна вербална расправија. Јас само се обидував да го заштитам своето дете. Се прашувам – до кога врсничкото насилство ќе биде дел од нашето секојдневие? До кога возрасните ќе бидат неми набљудувачи, а понекогаш и ќе го оправдуваат или поттикнуваат таквото однесување? Децата учат од нас. Ако денес молчиме пред насилството, утре не треба да се чудиме кога тоа ќе стане нормална појава“, вели Мирчевска во објавата.

Таа нагласи дека ниту едно дете не заслужува да биде тепано додека другите гледаат, како и дека ниту еден родител не заслужува да гледа како неговото дете се бори само за да остане на нозе.

„Време е сите заедно да кажеме: ДОСТА Е на врсничкото насилство“, порача Мирчевска.

Во коментар под објавата, таа додаде дополнително објаснување од немилиот настан.

„Не само што мирно си седеше кога неговиот внук или син по втор пат се обиде да го изнатепа моето дете од 7 години кога се приближив до нив молчеше не сакаше да каже дека е негово дете кога во прашав детето кое беше повозрасно од моето дали дома твоите родители ти кажале те научиле дека не треба физички да напаѓаш деца ,дали твоите родители ти кажале дека на 10 11 години не смееш да одиш на други дете да псуеш мајка и фамилијата ?Да нарекуваш друго дете коњ идиот немормален тогаш се замеша тој силниот маж кој седеше на клупата. Мислам дека лажеше дека му е внук и почна со истите зборови да ме навредува мене…Не знам како се воздржав да не го повикам сопругот или полиција“, додаде Мирчевска.

 

 

Back to top button
Close