Наместо „финландизација“ на Украина, Финска во НАТО?

И кога сите очекувавме брза победа на Путин и „финландизација“ на Украина, Финска, традиционално неутралната држава на границата со Русија, најавува членство во НАТО.  Истото го прави и Шведска. Бруталната воена агресија на Владимир Путин против една суверена европска држава предизвика спротивен ефект од очекуваниот во Москва.

Се збија редовите на западните сојузници, НАТО ја доби смислата на своето постоење, а исплашените неутрални земји  бараат сигурност во воената алијанса на демократските држави. Погрешна беше и проценката на Путин дека заканата со нуклеарна војна ќе биде доволна  да го парализира Западот  во поддршката на Украина. САД и ЕУ се обединија не само во досега невидени економски санкции, кои од Русија ќе направат земја на „Третиот свет“, туку и со досега невидена воена поддршка на страна на нападнатата држава.

Западот, раководен од историското наравоучение дека ако на насилникот не му застанеш на патот сега, тој ќе продолжи до финалната пресметка во нова светска војна, опасно се инволвира во војната. Настана неочекуван пресврт: се сменија улогите на заканувачот со нуклеарна војна.

Сега Западот го стави Путин во позиција тој прв да го притисне копчето, како одговор на масовната воена поддршка на Украина. Иако „играта“ станува многу опасна, јасно е дека е многу полесно да се заканиш со уништување на човековата цивилизација, како што тоа го направи Путин на почетокот на војната, отколку  да ја исполниш заканата.

Отпорот на Украинците силно поддржани од ЕУ и Америка го натера Путин да ги ревидира своите воени планови, повлекувајќи се кон источниот дел од Украина во обид да консолидира земјен коридор кој ќе го поврзува Крим со руското копно. Дали после тоа Русија ќе прогласи победа, уште не е јасно. Можно ли е Украинците да направат тотален пресврт и да победат? Времето ќе каже.

Едно е сепак јасно: откажувајќи се од стратегијата на натпревар во демократска трансформација на Русија и нејзина интеграција во светската економија, Путин ја осуди својата земја на догогодишна стагнација. Имено, за да се одмрси  безбедносниот јазол кој сега се замрси на европскиот континент, ќе треба многу години. Никој веќе не знае како воопшто би изгледал мировен договор меѓу Русија и Украина. Автократот Путин може да потпише секаков договор кој му е по воља, но еден демократски избран претседател како Зеленски не може, освен ако мора.

Новата Студена војна, која нема да биде идентична со старата, веќе почна. Како и во случајот со СССР, нуклеарна војна со Русија не е опција на Западот. Базичната стратегија на „контејнмент“ (ограничување на руското влијание во домашните граници) во очекување одново да имплодира новата автократија,најверојатно ќе се обнови. Редовите меѓу државите кои граничат со Русија уште повеќе ќе се збијат околу западниот сојуз на демократиите.

Кристално е јасно дека земјите од некогашниот советски блок не сакаат назад во руската сфера на влијание. На тезата дека Западот опасно се проширил до границите на Русија тие одговатаат дека, всушност, обратното е точно : државите на Источна Европа неповратно тргнале на Запад.  Силната воља на народите на Источна Европа да ја бранат скапо стекнатата слобода и демократија тие ја демонстрираат секојдневно пркосејќи му на џинот на своите граници.

Наоѓајќи се во очајна ситуација, Медведев денес упати нова закана со инсталирање нуклеарно оружје на Балтикот.Ја игра ли Русија последната карта? Ќе се покаже ли сета бесмисленост на нуклеарното оружје или е можна нова Хирошима? Силата на учесниците во конфликтот, како и во секоја војна, ќе пресуди.

Back to top button
Close