Наместо од 1 јануари, санкционирањето „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година
Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.
Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.
Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината.
Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.
Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата.
Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.






