Наместо разбирање има медиумски линч, Тетовчани знаат кој е татко ми како лекар и како човек :Се огласи синот на Жарко Грозданоски

По последните случувања кои ја вознемирија јавноста, синот на осомничениот лекар се огласи со јавна реакција и апел за воздржаност и почитување на презумпцијата на невиност.

„Во овие исклучително тешки моменти за моето семејство, чувствувам потреба јавно да изразам целосна поддршка за мојот татко, кој со години совесно, чесно и пожртвувано ја извршува својата лекарска професија.

За жал, наместо разбирање и достоинство, сведоци сме на медиумски линч кој е најмалку потребен токму сега, кога поминуваме низ сериозна и чувствителна ситуација. Притоа, неправедно се занемаруваат стотиците луѓе на кои им помогнал, грижата што им ја пружил и животите кои ги спасил.

Брвенчани, тетовчани, но и граѓаните низ цела Македонија многу добро знаат кој е Жарко – не само како доктор, туку и како човек“, напиша тој на социјалните мрежи.

Во полицискиот билтен се наведува дека вчера во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид, од слобода го лишија Ж.Г. (53) од истото село кој се сомничи за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од кривичниот законик.

Во СВР Охрид вчера во 8:24 часот било пријавено дека во семејниот дом на улицата „Нада Филева“ во Охрид, без знаци на живот бил пронајден 76-годишниот охриѓанец К.М.

На местото на настанот извршен бил увид од јавен обвинител и полициски екипи, додека лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.

извор,фокус.мк

Back to top button
Close