Напаѓачот на Капитол бил следбеник на Нација на исламот, полицијата смета дека не се работи за тероризам

 

Дваесет и петгодишниот Ноа Грин од Вирџинија е лицето кое го изврши вчерашниот напад пред зградата на американскиот Конгрес во којшто загина еден полицаец, а потоа беше застрелан и самиот напаѓач.

Од неговото семејство изјавиле дека Ноа подолг период се борел со зависност од дрога и параноја и дека биле загрижени за неговото ментално здравје, а според неговите објави на Фејсбук тој бил следбеник на националистичка верска организација Нација на исламот и обвинувал дека ЦИА и ФБИ го трујат со лекови.

Според првичните проценки на полицијата, нападот не е поврзан со тероризам, но безбедносните органи најавуваат дека ќе продолжат да истражуваат.

-Знам дека ова беа тешки времиња за Капитол, за сите кои работат таму и за оние кои го штитат, рече вчера американскиот претседател Џо Бајден. Знамињата во Белата куќа ќе бидат спуштени на половина копје.

Вчера напаѓачот со своето возило удрил во оградата во Капитол, при што биле повредени двајца полицајци. Потоа излегол од возилото со нож во раката, по што бил застрелан од трет полицаец. Еден од двајцата полицајци повредени во нападот почина.

Back to top button
Close