Напаѓачот на Салман Ружди прогласен виновен
Хади Матар, напаѓачот на авторот Ружди, беше прогласен виновен за две злосторства – обид за убиство и агресија, изјави портпаролот на судот за АФП.
Напаѓачот се изјаснуваше невин за обвиненијата за обид за убиство и напад во „однапред планирано“ кривично дело. Во интервју од затворот за „Њујорк пост“, Матар рече дека не го сакал Ружди и го величал Хомеини. За овие злосторства би можел да добие 25, односно седум години затвор. Иран негираше вмешност во нападот.
На 12 август 2022 година тој го избоде Ружди поради што американско-британскиот писател го загуби видот на десното око.
Ружди (77) со години добиваше смртни закани поради неговата книга „Сатански стихови“ од 1988, чија содржина некои муслимани ја сметаат за богохулие.Во интервју за „Њујоркер“, во 2023 година, писателот вели дека му е драго што луѓето му дале толку голема поддршка.
„Немав поим дека луѓето ќе реагираат вака на обидот за убиство врз мене. Јас сум навистина среќен човек и многу сум благодарен за сѐ. Овие големи повреди се излечија, почнувам да ги чувствувам палецот и показалецот и долниот дел од раката. Напорно работам на терапија за мојата рака и ми рекоа дека ми е подобро. Тука е само овој проблем со посттрауматскиот стрес. Многу ми е тешко да работам и да пишувам поради тоа. Седнувам и почнувам да пишувам, но ништо не се случува. Пишувам, но сѐ што пишувам е празно или лошо. Пишувам и го бришам тоа следниот ден. Сè уште не сум го решил тој проблем“, вели тој.