Напад со дрон предизвика пожар во нуклеарна централа во Обединетите Арапски Емирати

Напад со дрон предизвикал пожар во нуклеарната електрана „Бараках“ во Обединетите Арапски Емирати, соопштија властите во Абу Даби.
Според официјалните информации, дронот погодил електричен генератор надвор од внатрешниот безбедносен периметар на централата.
Нема повредени лица, а нивото на радијација е нормално, соопшти Канцеларијата за медиуми на Абу Даби.
Властите во Обединетите Арапски Емирати информираа дека се истражува од каде е изведен нападот и порачаа дека земјата има право да одговори на вакви „терористички напади“.
Министерството за одбрана на ОАЕ соопшти дека биле уништени уште два дрона, кои биле лансирани од „западната граница“, без дополнителни детали.
Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека третиот блок на централата моментално се напојува преку итни дизел-генератори и повика на „максимална воена воздржаност“ во близина на нуклеарни објекти.
Во текот на актуелниот конфликт, Иран повеќепати ги гаѓаше Обединетите Арапски Емирати и други земји од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази, таргетирајќи енергетска и цивилна инфраструктура.






