Напад врз електроенергетскиот систем на Иран: Прекини на струја во Техеран

Напади врз електроенергетската инфраструктура предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од Техеран, како и во пошироката Техеранска област и покраината Алборз, соопшти иранското Министерство за енергетика.
Заменик-министерот Мостафа Раџаби Машхади изјави дека при нападите бил погоден далеководен столб на влезот во Карај, град кој се наоѓа северозападно од Техеран. Претходно беа регистрирани осцилации во снабдувањето со струја токму во овој регион.
Дополнително, источниот дел на Техеран останал без една трафостаница за пренос на електрична енергија, што директно влијаело врз стабилноста на мрежата.
И покрај инцидентите, Машхади порача дека граѓаните „не треба да бидат загрижени“, нагласувајќи дека надлежните служби веќе работат на санација на штетите и нормализирање на снабдувањето.
Нападите врз критичната инфраструктура доаѓаат во период на зголемени тензии во регионот, при што електроенергетскиот систем станува една од клучните цели во конфликтот, објави Скопје1.мк






