Нападнат полициски началник по обид за апсење -кај напаѓачот пронајдени дрога, оружје и муниција

Полицијата во Виница вчера уапси 27-годишен жител на Кочани со живеалиште во Виница, откако физички го нападнал началникот на Надворешната канцеларија за криминалистички работи, кој се обидувал да му врачи покана за службен разговор.

Според МВР, инцидентот се случил околу 10:10 часот. По нападот, со судска наредба бил извршен претрес во домот на осомничениот, при што биле пронајдени околу 100 семки од растението канабис, две дробилки со остатоци од марихуана, куршуми од различен калибар, три сабји, електрошок и други предмети за кои постои сомневање дека потекнуваат од кривично дело.

Напаѓачот е задржан во полициската станица во Виница. По целосно документирање на случајот и во координација со јавен обвинител, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close