Нападот со дрон во близина на Суецкиот Канал во Египет навестува опасност од ширење на војната

Нападот со дрон врз бродови за складирање гас во египетското медитеранско пристаниште Дамиета укажа на можноста за отворање нов фронт во војната меѓу САД и Иран, зголемувајќи ги стравувањата дека пловидбата низ Суецкиот Канал би можела да биде загрозена.
Суецкиот Канал претставува последната преостаната безбедна извозна рута за саудиската нафта, пренесува Бета.
Египетската влада денеска соопшти дека прелиминарната истрага покажала оти неидентификуван дрон вчера предизвикал пожар на два брода во пристаништето Дамиета, кое се наоѓа во близина на Суецкиот Канал, што ги поврзува Средоземното и Црвеното Море.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот, наведе владата, додавајќи дека властите преземаат мерки за да ја заштитат националната безбедност на Египет.
Извори запознаени со инцидентот изјавија дека дронот го погодил американскиот брод за складирање гас „Energos Winter“, предизвикувајќи пожар кој потоа се проширил и на друг брод. ј






