Нападот врз Советскиот Сојуз пред 80 години – почеток на најкрвавата фаза на војната

„Операција Барбароса” – под ова кодно име германскиот Рајх го нападна Советскиот Сојуз. Со офанзивата на Адолф Хитлер за блиц војна на Исток, започна најкрвавата фаза во Втората светска војна., пишува Дојче веле

Недела, 22 јуни 1941: околу 3.15 часот германските сили го напаѓаат Советскиот Сојуз. Без објавување војна, без обзир на договорот да не се оди во напад, т.н. Хитлер-Сталин пакт. Повеќе од три ипол милиони германски и сојузнички војници, поддржани од артилерија, воздухопловни сили и тенкови напаѓаат – брзо, масовно, безмилосно. Авионите бомбардираат советски авиони кои се на земја. Борбената линија меѓу Балтичко и Црно Море се протега на 1600 километри. Најдолг фронт во историјата.

Нападот за војниците на Советскиот Сојуз е неочекуван и ги снајдува неподготвени. „Некои излегуваа во пижами да пукаат, сосем изненадени”, се потсетува поранешниот војник Герхард Герц во видео објавено на порталот за сведоштва на очевидци при Домот на историјата во Бон. Предупредувањата за такво нешто Сталин не ги сфаќал сериозно, бидејќи сметал дека Хитлер нема да се осмели да го нападне огромното царство и на тој начин пропуштил навремена мобилизација. Германската пропаганда нападот го оквалификувала како превентивен удар против непосредно претстоечка воена агресија од болшевистите. Во реалноста Хитлер води безобѕирен, бескрупулозен напад на освојување територии. Диктаторот сонува за „нов животен простор” на Исток за Германците, за големо германско царство од Атлантикот до Урал.

Војната на Хитлер – освојувачки поход

Војната Хитлер ја сфаќа како борба за преживување на убедувањата и расите, борбата против Советскиот Сојуз како поход против „еврејството во светот” и комунизмот. Целата офанзива се води под тајното име „Операција Барбароса”, со што се алудира на царот Фридрих I. (1122 – 1190 н.е.), кого го нарекувале и „Црвенобрадестиот”, односно Барбароса. Тој го повел германско-римското царство во поход.

Походот на Хитлер пак се покажа како масовно воено злосторство. Многу војници со „испрани мозоци” сметале дека како „ариевска господска раса” се супериорни во однос на словенските народи. „Нашите претпоставени постојано ни велеа дека Русите се под нашето ниво и дека се необразовани”, вели поранешниот војник Херберт Бајер за порталот на сведоштва на луѓе од тоа време.

„Војната на Хитлер против Советскиот Сојуз беше војна на уништување, бидејќи покрај воените цели тој имаше за цел идеолошки мотивирано уништување на цела една држава заедно со населението” оценува историчарот Крис Хелмеке од Центарот за воена историја и социологија на Бундесверот во Потсдам во разговор со ДВ. „Со нејзината сеопфатна злосторничка димензија,германско-советската војна е уникат во историјата на човештвото.”

Милиони германски војници влегоа во Советскиот Сојуз во 1941 година

Воени заробеници злоупотребени за присилна работа

5,6 милиони советски војници завршуваат во германско заробеништво и се користат за присилна работа. 3,3 милиони од нив умираат како последица на малтретажите. Припадници на специјалната единица во окупираните области трагаат по Евреи со помош на припадници на војската. Евреите ги влечеле од нивните домови и „морале да си ги земат и лопатите за да си ги ископаат сопствените гробови”, раскажува поранешниот војник Вили Хајн во видео во Домот на историјата и додава: „Потоа жандармеријата ги стрелаше.” Освен тоа е издадена и т.н. „наредба за комесарите” со која заробените политички комесари на Црвената армија треба да се егзекутираат по нивното заробување. Кај германските окупатори на почеток владее победничка клима. Војската ги окупира Украина, Белорусија и Балтичкиот регион. Мислат дека наскоро ќе ја освојат и Москва. Но, не им успева да ја разбијат Црвената армија на начин што нема да може веќе да пружа отпор. Се разгорува повеќегодишна крвава борба. Германската војска не е подготвена за исклучително студените зими со до минус 50 степени Целзиусови.

Пактот Хитлер-Сталин не го спречи нападот врз Советскиот Сојуз

Без стратегија за подолга војна

Хитлер многу ги потцени советските противници, заклучува историчарот Крис Хелмеке. „Всушност војниците на Црвената армија се бореа жилаво и истрајно. Нивните команданти постојано изнаоѓаа нови тактики за борба.“ Се претпоставуваше дека Советскиот Сојуз “може да биде поразен во таканаречен блицкриг (брза војна). Немаше друг план во случај овој концепт да не успее.“ Исто така ниту германската економија не беше подготвена за долготрајна војна, објаснува Хелмеке. „Едноставно немаа ресурси.“

Најдоцна со поразот во битката за Сталинград на 2 февруари 1943 година окупаторските планови на Хитлер пропаднаа. Германскиот Рајх се бореше на два фронта, против западните сојузници и против Советскиот Сојуз. Неуспехот на операцијата Барбароса се смета за клучна пресвртница во Втората светска војна. Историчарот Хелмеке заклучува – „гледано наназад, војната стратешки беше загубена уште во 1941“.

Back to top button
Close