Напредокот на каратето во период на коронавирус тема на дискусија на видеоконференција на ВКФ

Претседателот на Светската карате федерација (WKF) Антонио Еспинос го започна вториот круг состаноци на со националните карате федерации од европските земји преку видеоконференција.

Меѓу приоритетите во агендата беше промоцијата на каратето на национално ниво и ефектите од пандемијата на коронавирусите на европскиот континент.

– Сигурен сум дека заедно и со напорите на сите инволвирани страни, ќе можеме да ги продолжиме нашите активности многу скоро. Додека го чекаме тој момент, нашите спортисти и сите инволвирани во каратето ќе продолжат да инспирираат како и досега. Наша одговорност е да им понудиме на нашите заинтересирани страни можност да ги слават вредностите, единството и посветеноста на нашиот сакан спорт, изјави Еспинос.

Се разгледуваа различните можности за повторно започнување на натпреварите, што во овој момент никој не може да предвиди кога ќе се случи, поради најавениот можен втор бран на коронавирус.

Од страна на Карате федерацијата на Македонија, претседателот Горан Милковски во име на Извршниот одбор истакна дека и покрај лимитираните услови, најголем дел од нашите сениори тренираат главно во изолација, а слично е и со помладите категории.

– Имаме тројца спортисти со продолжена олимписка стипендија до 2021 преку Олимписката солидарност на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), што е голема чест и тие посветено се однесуваат кон своите обврски, согласно препораките од WKF и од надлежните здравствени организации. Добивме помош од Агенцијата за Млади и спорт за повеќе од половина клубови кои ги исполнија бараните критериуми, за да можат да опстанат во овие тешки услови. Во делот на активности, одржавме за првпат „on line“ натпревар за млади категории до 15 годишна возраст, како поттик и за нив и за нивните врсници од сите спортови. Во делот на промоција на спортот, според примерот на WKF се поактивни сме на социјалните мрежи и преку „YouТube“ каналот на КФМ. Исто така, покрај тоа што повеќето клубови работат на отворено, очекуваме од здравствената комисија наскоро да ни овозможи протокол за вежбање во затворени простории, што се надеваме дека ќе се случи во септември, зависно од ситуацијата со коронавирусот, рече Милковски.

Иако до крајот на оваа година речиси сите натпреварувања се откажани, останува некаква надеж дека во декември би можеле да се организираат барем една Премиер лига и една Младинска лига.

Back to top button
Close