Народна банка: Не се очекуваат директни, но можни се индиректни последици врз нашата економија поради ситуацијата околу Украина
Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот систем, а девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута, се дел од заклучоците на Советот на централната банка
Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на Русија и Украина, не се очекуваат директни, но можни се индиректни последици. Најновите случувања влијаат особено на глобалните пазари на енергенти и храна, што, заедно со сè поголемата неизвесност, може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија.
Ова е една од констатациите од последната седница на Советот на Народната банка, на која биле разгледани последните макроекономски показатели, а се дискутирало и за најновите случувања во Украина и последиците за економијата што можат да произлезат од натамошниот развој на ситуацијата. Притоа е заклучено дека стабилноста на финансискиот систем е поддршка за економијата, особено во услови на сè поголеми предизвици кои доаѓаат од надворешното окружување.
На седницата е констатирано дека треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час во час.
„Заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата. Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем. Истовремено, на седницата на Советот беше констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута“,
се наведува во соопштението од седницата на Советот на централната банка.
На седницата на Советот биле разгледани и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка. Советот ги разгледал и ги усвоил финансиските извештаи на Народната банка и годишната сметка за 2021 година, кои биле предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување.