Народна банка: Пропаѓањето на СВБ нема директни ефекти врз нашиот банкарски систем

Пропаѓањето на американската банка Силиконската долина (СВБ) нема да предизвика никакви директни последици за нашиот банкарски систем, соопштија денеска од Народната банка.

Ова пред сè се должи на малата изложеност кон странство, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните од стабилни извори на финансирање, велат оттаму.

Според Народната банка, билансите на нашите банки се исклучително солидни, висококапитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио.

„Сепак, заради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања“,се наведува во соопштението.

Според проценките на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност, велат од Народната банка.

Ова, според американските регулатори, се должи на фактот што банкарскиот систем на САД е висококапитализиран, отпорен и работи на цврста основа, што во голема мера е резултат на реформите по глобалната финансиска криза, коишто обезбедија подобри заштитни механизми за банкарскиот сектор.

Во прилог на ова оди и брзата реакција и мерките на американските власти, со кои се минимизираат евентуалните системски ризици.

„Во овој контекст, последните случувања во банкарскиот систем во САД нема да имаат директни ефекти врз нашиот банкарски систем имајќи предвид дека нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки, односно само 6,6 отсто од вкупните обврски на банкарскиот систем се кон странство, а само 5 отсто од побарувањата се од странство. Понатаму, билансите на нашите банки се исклучително солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), соодветна ликвидност и одличен квалитет на кредитното портфолио“,велат од Народната банка.

Особено важно во овој случај, посочуваат оттаму, е што нашиот банкарски систем има традиционален деловен модел, заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните од стабилни извори на финансирање.

„Ова е многу поразлично од деловниот модел на американската банка, којшто е една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, а се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60 отсто во вкупната актива на Банката на Силиконската долина). Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84 отсто во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица коишто учествуваат со 60 отсто во вкупните средства на банките и кои имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност коишто се издадени од нерезиденти е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1 отсто“,објаснуваат од Народна банка.

 

Back to top button
Close