Народна Банка равенство Ватикан

Бирократскиот систем на владеење создаде современи Франкенштајни, монструми кои со површни анализи и неразбирање на реалниот живот носат одлуки преку колено. Еуростандард банка е жртвено јагне, а оштетени сте вие граѓаните, вработените во Еуростандард банка и Македонски пошти, а посебно сите правни и физички лица кои ги сотреа во нивното функционирање.

Почитувани читатели…

Дозволете ми најпрво да ви упатам извинување што во изминатите неколку колумни си дозволувам да го користам просторот за споделување на моето лично искуство како стопанственик и како човек кој учествувал во банкарскиот систем на земјава. Можеби чувствувате дека мојата шокираност од она што се случи со Еуростандард банка е своевидно „малтретирање“ на јавноста, но верувајте ми, дека јас се уште неможам да се соземам од неразумната, нехумананата и неразбирлива одлука на Народна банка, која ја одведе во стечај Еуростандард банка на 12 август 2020 година. Не можам да разберам каква општествена одговорност е во прашање.

Оваа ситуација ме натера длабоко да навлезам во суштината на Законот за банки на Република Македонија, споредувајќи го со законите на соседна Србија и Хрватска, која е членка на Европската унија.

Почитувани, дојдов до сознание дека најсилни ингеренции во Република Македонија, дури посилни од Претседателот на Република Македонија и Претсеадтелот на Владата, сите министерства и сите институции кои се во функција на државата, ги има Гувернерoт на Народна банка, а тоа е дискреционото право да одлучува за животот и смртта на физичките и правни лица, и да го креира севкупниот живот во Македонија, без да сноси одговорност.

Токму затоа, сметам дека на оваа функција треба да се поставуваат луѓе со висок професионален и етички капацитет.

Опонентите би рекле дека ова е дрско од моја страна за ваквиот мој став, но за жал аргументите се на моја страна.

Со стечајната постапка на Еуростандард банка не сме оштетени само ние, акционерите на банката, туку армија на правни и физички лица, чија бројка надминува неколку десетици илјади граѓани на Македонија.

Процедурите кои што се инкорпорираат во Законот за банки во соседна Србија и Хрватска, членка на Европската унија, се далеку пофлексибилни, со цел да се заштитат интересите на правните и физички лица, а особено банкарскиот систем.

За жал, бирократскиот систем на владеење создаде современи Франкенштајни, монструми кои со површни анализи и неразбирање на реалниот живот носат одлуки преку колено.

Прашање број 1: Кој ја има контролата врз Народна банка и за носењето на нејзините одлуки?

Одговор: Правно, контролата треба да ја врши Собранието на Република Македонија, кое што во изминатиот период од 30 години, никогаш не се зафати со длабоки анализи на извештаите кои на годишно ниво беа презентирани пред Собранието на Република Македонија, за нивно прифаќање.

Ова го говорам од свое сопствено искуство, како поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, каде што извештаите без лажни надежи беа усвојувани, без длабоки анализи.

Други институции за контрола на Народна банка, а посебно за користење на дискреционото право на гувернерот, нема. Единствено на земјината топка, тоа право го има Папата во Ватикан.

Во гореспоменатите држави Србија и Хрватска постапката за стечај е можна само во случај кога ќе бидат исцрпени сите предходни можности за спас.

Во одредени западни европски високо развиени земји Народна банка финансиски интервенира за спасување на банките и ги презема сите можни чекори да не дојде до стечај, имајќи го пред се интересот на граѓаните, да бидат заштитени сите правни и физички лица.

За жал, кај нас ѓаволот ја однел шегата, владее законот што не е во интерес на граѓаните, бидејќи институцијата Гувернер има неприкосновено право да одлучува за животот и смртта на банкарскиот систем, без да дава отчет некому, односно да дава псевдо-отчет кој е само формалност.

Аналогно на горенаведеното општ е заклучокот дека одлуката за стечај погоди многу граѓани, иако според Гувернерката, учеството на Еуростандард банка во банкарскиот сектор на Република Македонија е маргинализиран.

Прашувам отворено дали со ова Гувернерката на Народна банка ги маргинализира загубите на сите физички и правни лица кои се бројат над десетици илјади оштетени.

Прашувам отворено, дали имала чиста совест при донесувањето на оваа одлука или некој стои зад ваквиот чин. Имајќи толку алатки, таа го избра сатарот.

Почитувани читатели.. Еуростандард банка е жртвено јагне, а оштетени сте вие граѓаните, вработените во Еуростандард банка и Македонски пошти, а посебно сите правни и физички лица кои ги сотреа во нивното функционирање.

Очигледен е фактот дека госпоѓата Бежовска, Гувернерка на Народна банка, доби поддршка од многу мал број на бивши гувернери и високи функционери. Верувајте ми, ниту во банкарскиот свет, а уште помалку меѓу граѓаните, ваквата одлука не е прифатена како реално решение.

Господинот Богов и господинот Гошев се трудам да ги разберам за нивната поддршка, бидејќи се работи за нивен бивш соработник и наследник, но ме запрепасти леснотијата со која ја дадоа поддршката, без предходна анализа, зошто Еуростандард банка се однесе во стечај, без предходна административна управа, која исто така е алатка во рацете на Народна банка.

Почитувани, колумнава ќе ја завршам со фактот дека не може сите институции граѓаните да ги оценуваат како криминогени, а Народна банка да биде исклучок. Говориме за институција креатор и регулатор на фискалната и монетарна политика.

Мудроста би рекла, барем таа што јас ја имам слушнато “МИЖИ АСАН ДА ТИ БАЈАМ”, а вие мои читатели размислете.

Трифун Костовски

Извор: Инбокс7

Back to top button
Close