Народниот правобранител Насер Зибери ја подновил институцијата со „џип компас“ вреден 40 илјади евра
Народниот правобранител, Насер Зибери за потребите на институцијата со кој раководи набавил автомобил марка „џип копас“ во вредност од 2,4 милиони денари или околу 40 илјади евра.
Информацијата за набавката на возилото денеска ја објави опозициската партија Левица, обвинувајќи за ненаменско трошење на пари на граѓаните и луксузирање на народниот провобранител.
„Народниот правобранител и кандидат за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери, се поднови со нов автомобил од американскиот бренд ‘Jeep Compass’, за кој се потрошени 2,4 милиони денари, или близу 40 илјади евра пари на граѓаните. Новото возило може да ги задоволи и најпребирливите вкусови и во него има вградено радио со екран на допир, предупредување за замор кај возач, адаптивен темпомат, препознавање на сообраќајни знаци и слично“ -се вели во објавата на официјалниот фејсбук-профил на Левица.
Дека ваква набавка е реализирана покажуваат и податоците кои може да се проверат на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки.
Според нив, договорот за набавка на возилото е склучен на 17 март оваа година меѓу Народниот правобранител и Аутомобиле СК. Набавката е со проценета вредност од 2 499 999 денари со вклучен ДДВ, а вредноста на склучениот договор изнесува точно 2 391 688 денари со ДДВ.
На огласот за набавка на моторното возило, според податоците на Бирото на јавни набавки, бил пријавен само еден понудувач.
Инаку од опозициската партија прашуваат колку сега ќе ги чини граѓаните ова луксузирање, притоа посочуваќи дека за функционирање на возниот парк на Народниот правобранител во просек годишно за гориво, осигурување на патници, резервни делови, поправки , технички прегледи и слично се трошат над 40 илјади евра.
„Како независна државна институција, наместо да застане во заштита на сите граѓани и нивните права, наместо да укаже на потенцијална корупција која е на штета на граѓаните, истата е дел од лошата практика. Ваквото недомаќинско и неодговорно однесување на штета на граѓаните е целосно неоправдано. Институцијата Народен правобранител треба да биде пример на одговорно, транспарентно и отчетно работење во интерес на граѓаните“,
велат од Левица.
Актуелниот народен правобранител, Насер Зибери инаку беше кандидат за премиер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како дел од наративот и програмата на партијата на последните парламентарни избори во 2020 година.