Народот гласа – ѓаволот брои!

Логиката „око за око“ на крајот ги прави сите слепи, оти Бог ни дал мозок, но не и рецепт како да го користиме !
Годината што веќе ја испративме започна со „нов шериф во градот“, како што американскиот потпретседател Џ.Д. Венс го нарече Трамп, прекорувајќи ги огорчените Европејци дека нивните политики се една голема нула. Невиден таленти за глорификација на глупоста. Неговата логика е штом не си наш човек – воопшто не си човек! Човекот понекогаш чита што ѓаволот прелистува.
Тогаш Трамп на својот прв работен ден потпиша над 200 извршни наредби, вклучително и за повлекување од Парискиот договор за климата и за помилување на 1.493 учесници во нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година. Заедно со Илон Маск, го започна – „DOGE“, откажувајќи од голем број програми на американската влада, како што е Гласот на Америка, но и распредувајќи десетици илјади отпуштања од државни агенции. Но, по хаосот што Маск го создал настана расправа, па тој морал да ја напушти администрацијата. Пример како нормалноста бега како газела, а се враќа како желка.
Во 2025 што ја испративме, дојдоа нови лидери во Германија и Канада, но и политичка нестабилност во Франција и во НАТО. Дојдоа и бројни несреќи. Земјотрес во Мјанмар уби повеќе од четири илјади луѓе, а во Авганистан 2.216 луѓе. Во пошироката област на Лос Анџелес се случи најголемиот пожар во историјата, со бројни жертви, уништувајќи повеќе од 17.000 згради и поголемиот дел од Сансет Булевар. Поплавите во Тексас убија најмалку 235 луѓе. Лани, се урна Боинг 787 на индиска авиокомпанија и загинаа 262 лица. Се случи пожар во лош клуб во Кочани (63 загинати и 193 повредени). Се случи пожар во хотел во турскиот скијачки центар Карталкаја и уби 78 лица, додека огромен пожар во станбена зграда во Хонг Конг уби најмалку 160 лица. Слична несреќа во Санто Доминго уби најмалку 231 лице, вклучувајќи ја и пејачката Руби Перез. Дури и музејот Лувр, остана без осум парчиња скапоцени крунски камења, од грабеж на сред бел ден. Злото знае како да отвори врати што тешко се затвораат.
Лани, Германија доби нов канцелар Фридрих Мерц, a во Канада дојде Марк Карни како лидер на либералите. Во Чешка победи Андреј Бабиш поддржувач на Орбан. Понекогаш народот гласа а ѓаволот брои. Тие ќе градат пирамиди, оставајќи пустини насекаде наоколу. Во Франција видно ослабнува Макрон, по што црната магла се шири низ Европа. Се создава група ептен празна ама сепак полна со себе!
Минатата година почина Папата Франциск, омилен меѓу верниците, но критикуван во конзервативни кругови. Првиот језуитски и јужноамерикански папа неуморно се залагаше за мигрантите, за животната средина и за социјална правда во своите 12 години понтификат, а во исто време не ги доведуваше во прашање ставовите на Црквата за абортусот или целибатот на свештениците.
Вештачката интелигенција стана дел од животот. „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Мета“ инвестираа милијарди долари во нејзиниот развој во сите области, вклучително и медицинската индустрија и контролата на воздушната навигација итн.
Светот е во трета светска војна?!
Популарниот американски портал „The Intercept“, смета дека светот веќе е во средината на Третата светска војна. Во неа се вклушени Русија, Украина, Европа, Северна Кореа. Имавме војна со кревок мир во Блискиот исток, потоа меѓу Индија и Пакистан, меѓу Израел и Иран, и сега АСД и Венецуела. Стабува жешко околу Тајван, Кинеското море и Северна Кореја. Тензиите повторно растат меѓу Кина и Индија поради изградбата на најголемата хидроелектрана во светот во близина на Хималаите, што сериозно го нарушува сливот на две важни реки што продолжуваат низ Индија. Хутите од Јемен пак се закануваат околу Црвеното море и теснецот Баб ел Мандеб. Некако луѓето сè повеќе се плашат да бидат нормални.
Вашингтон го напаѓа режимот на венецуелскиот претседател Мадуро дека соработува со терористички организации, и е дел од меѓународна трговија со дрога, и е закана за националната безбедност на САД. Каракас, од друга страна, тврди дека САД сакаат контрола врз нафтените ресурси на Венецуела и промена на режимот. САД, Франција и Велика Британија се вклучени во војна против исламски „терористи“, „бандити“, „пирати“ и „сепаратисти“ во Ангола, Буркина Фасо, Камерун, Чад, Конго, Етиопија, Кенија, Мадагаскар, Мали, Мозамбик, Нигер, Нигерија, Руанда, и Јужен Судан.
Третата светска војна е различна од војните што се случија пред речиси еден век со големи армии во марш. Овие се војни за ресурси, ретки минерали и пари. Трамп перманентно тврди дека лани решил осум конфликти, и постојано повторува дека заслужува Нобелова награда за мир. Не ја доби, па затоа мораше да се задоволи со фиктивна награда за мир од ФИФА на ждрепката за групите за Светското првенство, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Но, тешко му успева да ја прекине војната меѓу Русија и Украина, која нели ќе ја решавал за 24 часа?!
Денес финансискиот товар на војните е огромен. „Чатам Хаус“ проценува дека на Украина ќе ѝ бидат потребни околу 100 милијарди долари, не за да победи, туку едноставно за да ја одржи постојната фронтовска линија. Претходната „коалиција на оние што сакаат“ на западни сојузници, ќе мора да се трансформира во „коалиција на оние што можат“ велат аналитичари. Неодамна одобрената недисконтирана помош од ЕУ од 90 милијарди евра е далеку под претходно споменатите 140 милијарди евра, и не се пари од замрзнати руски средства, како што првично беше планирано.
Ништо ново на Истокот!
Мировните преговори навидум се интензивни под водство на Трамп, но осцилативни. Понекогаш кавгаџиски поради униформата на Зеленски. Почитувањето на Трамп кон Путин е непоколебливо. Во Алјаска, рускиот претседател го пречека на црвен тепих. Првичниот мировен план беше многу неповолен за Украина, но во ревидираната верзија се инсистира на суверенитетот на Украина, безбедносните гаранции, но сепак и на откажувањето од дел од својата територија.
Претстојниот самит на НАТО во Анкара во јули 2026 година би можел да биде клучен момент. Дотогаш, европските сојузници ќе мора да покажат решителност. Пчелата наоѓа цвет дури и на депонија, а мувата и во градината бара нешто друго! Снабдувањето на Украина под минимумот потребен за опстанок би значело капитулација на рати. Тое е лошо за Европа. Во ЕУ има длабоки поделби: Унгарија, Чешка и Словачка одбија да дадат гаранции за нова помош.
Заминуваа и мега-легенди!
Минатата година, филмскиот свет изгуби многу познати звезди, Роберт Редфорд, легендарниот американски актер, режисер, шармер и миленик на многу жени. Почина Дејвид Линч, американски режисер, писател и уметник, кој освои номинации за Оскар за своите филмови „Син сомот“, „Човекот-слон“, „Мулхоланд Драјв“. Потоа двојниот добитник на Оскар, еден од најдобрите американски актери Џин Хакман. Ја загубивме и иконата на француското кино, Брижит Бардо, позната по филмот „И Бог ја создаде жената“. Замина и Клаудија Кардинале, Џорџо Армани, Оливеро Тоскани и ептен каризматичниот американски државник Дик Чејни.
Мерсел Биљали






